Охрид, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Иван Блажевски, член на Иницијативата „Патот до Саргасово Море“, кој изработи документарен филм за Охридската јагула во нејзиниот пат до Саргасовото Море, направи најнова месечна пресметка, за досегашниот тек на големиот симболичен маратон.
Пресметката на маратонците кои трчаа во Охрид, може да се погледне на страницата на иницијативата.
Во документарецот кој носи наслов „The second life of the Ohrid eels“ детално е образложен проблемот на охридската јагула, нејзиниот пат и идејата на здружението кое се стреми одново да го актуелизира проблемот, со цел одново порибување на Охридското Езеро и после 50 години одново отворање на Патот до Саргасовото Море.
Во меѓувреме од Здружението најавуваат дека по првите предвидени два маратони. кои се истрчани – Охридски Маратон и Валенсија Маратон, следи Скопскиот Маратон на 10-ти мај годинава, а потоа Плитвички Маратон, Лисабон Маратон и секако затварање на маратонската иницијатива симболично со Хамилтон Маратон (во Бермуда).
Иницијативата Патот до Саргасово Море или Journey To Sargasso Sea е покрената за да се подигне свеста на јавноста за проблемот на Охридската јагула.
Инцијативата симболично започна на Охридскиот Маратон, а останатите маратони кои следат се покрај крајбрежјето на Јадранското и Средоземното Море, т.е. покрај трагите на миграцијата на јагулата која веќе 50 години е прекината поради градењето на брани на реката Црни Дрим во Македонија и Албанија.
Во меѓувреме членовите од Патот до Саргасово Море ги евидентираат нивните километри истрчани на трки и тренинзи и главната цел е да се истрчаат вкупно 7400 км, колку што е воздушнта линија помеѓу Охрид и Хамилтон (Бермуда) во период од 8-ми септември 2014 до 17-ти јануари 2016 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива