Охрид, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во Електро-машинскиот училиштен центар „Свети Наум Охридски“ во Охрид до крајот на месецов ќе започне да функционира Кариерен центар кој ќе им помага на средношколците во изборот на нивната животна професија.
Директорот на училиштето Јане Цаноски вели дека веќе е формиран тимот којшто ќе работи со учениците, а се уредува и просторијата во која ќе биде сместен Кариерниот центар.
– Веќе започнавме со опремување на канцеларијата. Донесовме маси, столици, техничка опрема која се состои во ЛЦД телевизор, мултифункционален уред и компјутер. Донесен е и Акцискиот план според кој ќе работиме откако кон крајот на месецов ќе започне со работа овој Кариерен центар, вели Цаноски.
Како што појаснува тој, учениците во овој центар ќе можат да стекнат многу знаења и вештини.
– Учениците ќе бидат запознаени со најразлични вештини, со вештините за комуникација, со начинот на пишување биографија. Ќе организираме средби и со претставници на стопанството, со цел тие да стекнат повеќе информации за пазарот на трудот, додава Цаноски.
Средствата за отворање на Кариерниот центар се обезбедени преку УСАИД и младинската мрежа за стекнување на вештини за вработување – Центар за развој на образованието. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива