Скопје, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Утре на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, командантот на Здружено Оперативната Команда (ЗОК) генерал – мајор Методија Величковски, по повод „18 февруари – Денот на Меѓународнитe Воени спортови“ ќе го отвори спортскиот ден со припадниците на АРМ од гарнизонот Скопје и Министерството за одбрана.
Овој спортски настан кој утре истовремено ќе се одржува во сите гарнизони на АРМ, кај нас се одржува десетта година по ред, под мотото „СПОРТ ЗА СИТЕ“ а ќе се реализира во следните дисциплини: крос на 8 km за мажи и на 4 km за жени, мал фудбал, кошарка, одбојка, пинг-понг и шах. Кросот ќе се одржи на пешачката патека покрај реката Вардар, а останатите спортови на терените на воениот стадион. Спортскиот ден генералот Величковски ќе го отвори во присуство на сите натпреварувачи, претставници на МО и ГШ на АРМ.
Покрај натпреварите, ќе се одржи прогласување на „Спортист на годината 2015“, со која ќе се прогласи најдобриот спортист од АРМ за 2014 година, на кого, за залагањето во развојот на спортот во АРМ ќе му бидат доделени диплома и пехар со амблем на МСВС.
АРМ од 2005 година е полноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови, со што се стекна со право на учество на сите меѓународни спортски натпревари во организација на оваа меѓународна асоцијација на воените спортови.
Со одбележувањето на Денот на Меѓународните Воени спортови, припадниците на МО и АРМ уште еднаш практично ќе покажат дека јакнењето на физичката кондиција и спортскиот дух се неопходни фактори не само за здрав живот, туку и за успешно извршување на сите задачи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива