октомври 31, 2014

Охрид, 31. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Бонета Наумоска – Павлеска е стоматолог во стоматолошката ординација „Д-р Стоев“ во Охрид зад кого стојат 22 работни години и дружба со пациентите. Таа смета дека индивидуалниот пристап на лекарот кон пациентот е од непроценливо значење.

Посебен пристап има кон детската популација која најчесто има „фобија“ од белите мантили. Во интервју за OhridPress и Супер радио вели дека психичката подготвеност на детето за соработка со стоматологот е првата бариера која треба да се надмине за да се оствари успешна соработка. Посетата  на матичниот стоматолог, според  д-р Наумоска – Павлеска, е мошне значајна, зашто како што појаснува, многу симптоми кои се присутни во устата укажуваат не само на некои локални патолошки промени, туку се показател, па дури и аларм за многу системски заболувања.

Супер радио: Во текот на вашиот работен стаж поминале бројни пациенти. Сте работеле со луѓе од различна возраст, во Охрид и во руралните амбуланти. Некои од пооддалечените места и ден-денес Ве бараат кога имаат проблеми со оралното здравје. Како го градевте вашиот однос со нив низ годините наназад?

Павлеска: Нашата професија е многу специфична.Најчесто пациентот се јавува на стоматолог кога има потреба од стручна консултација или потреба од конкретна  стоматолошка интервенција.Најважно за почеток е да се воспостави правилна релација стоматолог – пациент.

Индивидуалниот пристап на стоматологот кон пациентот е од непроценливо значење.Секогаш треба да се земе во предвид сплетот на околности:општата здравствена состојба на пациентот,возраста,неговата психичка подготвеност за соработка,прагот на издржливост на болка,па дури и претходни лоши искуства кои ги преживеал на стоматолог. Мојот стил на пристапување кон пациентот е секогаш природен,етички и професионален. Моите пациенти се секогаш соодветно информирани во самиот старт за се што ги интересира,за процедурата на работење итн. Секогаш се трудам да ги расположам, да ги охрабрам а воедно и да ги подготвам за интервенцијата која ќе следува. Ги советувам што е корисно да преземат за подобрување на нивната орална хигиена и орално здравје. Ја сакам својата професија,внесувам многу позитивна енергија во работењето -едноставно  сум задоволен стоматолог од резултатите кои ги постигнувам на релација со моите пациенти.

Супер радио: Како е да се работи со најмладата популација, со децата кои се особено чувствителни на белите мантили. Каков е пак, Вашиот пристап кон нив?

Павлеска: Децата се мојата најголема радост. Тие се нашата иднина.Успешната соработка со децата и ефикасно завршената стоматолошка интервенција  се императив за мене како професионалец. Мојот пристап кон децата е другарски,ведар и искрен, едноставно „детски”. Се прилагодувам на нивната возраст,темперамент и нивната сфера на интереси.Работата со деца пред се’ бара љубов и внимание упатени кон нив, максимална посветеност, трпение и огромна претпазливост. Секое дете е личност и заслужува соодветна почит и внимание. Психичката подготвеност на детето за соработка со стоматологот е првата бариера која треба да се надмине за да се оствари успешна соработка. При првата посета разговараме, ги запознавам со постапката која треба да се изведе, работам на стекнување на нивната доверба, ја зајакнувам мојата авторитативност во нивните очи, па дури потоа преминувам на интервенирање на нивните заби. Некако полесно се спогодувам со децата,отколку со нивните родители во дадени ситуации.

Апелирам до сите родители да се трудат  да изградат позитивен став и навика кај своите деца за навремена посета на стоматолог и за редовно одржување на оралната хигиена од најмала возраст.

Супер радио: Велат дека здравјето влегува од устата. Објаснете ни што значи тоа?

Павлеска: Точно. Очите се огледало на душата,а устата е огледало на општата здравствена состојба на поединецот. И исхраната, и дишењето и љубовта….се минува низ устата. Варењето на храната започнува од устата, а не од желудникот, како што повеќето луѓе мислат. Пресуден фактор во правилното жвакање на храната имаат забите, а со тоа и во понатамошната дигестија на истата во органите за варење.

Супер радио: Дали со еден стоматолошки преглед може  да се откријат и многу од болестите кај човекот?

Павлеска: Устата е влезна врата на многу инфекции и заболувања во телото. Многу симптоми кои се присутни во устата укажуваат не само на некои локални патолошки промени туку се показател, дури и аларм за многу системски заболувања, анемии, хиповитаминози, дијабет, леукози …и многу други болести уште во ран стадиум даваат симптоми во усната празнина. Еден расипан заб-фокус  може да биде причина за косопаст, за  воспаленија на зглобови, проблеми со срце итн…Непријатниот здив од устата е показател за проблеми со желудник, црн дроб и слично.

Стоматошкиот преглед не се состои само во контрола на конкретниот заб или негово санирање.Под стоматолошки преглед се подразбира контрола на сите структури во устата: усните, усната лигавица со посебен осврт на гингивата, јазикот и забите.Задолжително се зема кратка анамнеза за општото здравје. Општиот стоматолог ако забележи некоја сомнителна промена во устата понатаму го упатува пациентот на дополнителни испитувања, соработува со матичниот општ лекар на пациентот  и ги презема сите потребни активности за навремено,правилно дијагностицирање и соодветно понатамошно упатување на пациентот.

Значи ако стоматологот се сомнева дека пациентот има дијабет, ќе го упати пациентот да направи контрола на нивото на шеќер во крвта, при анемија контрола на крвната слика итн.

Супер радио: Каква храна треба да се конзумира за да се зачуваат забите?

Павлеска: Накратко, не е битно само да внесуваме здрава храна,туку подеднакво важно е каков е патот кој го поминува таа од нашата уста до нашиот желудник ,правилното жвакање со здрави и санирани заби. Факт е дека редовно треба да се мијат забите и редовно треба да се оди на контрола на стоматолог и секако, навреме да се поправаат забите.

Не би издвоила нешто особено вон стандардните препораки за здрава исхрана. Да се јаде храна богата со витамини и минерали.По можност да се козумира што повеќе свежа храна што значи да не е термички обработена.  Тоа се однесува на овошјето и зеленчукот. Да се пијат свежо подготвени сокови и чаеви без додавање на шеќер. Во исхраната треба да биде вклучена и рибата, интегрални житарки, апетисаните….

Треба да се избегнува инстант-храна, конзервирана храна, храна со вештачки бои, вештачки засладувана,брза храна,слатки, со посебен осврт на лижавчиња, бомбони и карамели, кашеста и леплива храна, газирани и густи сокови и друго.

Човек не треба да биде роб на својот апетит, ниту пак жртва на своите ригорозни принципи на исхрана.Во принцип човек треба здраво да се храни, во умерени количини и после секој оброк темелно да ги исчетка забите со паста за заби.

bonetapavleska2

Супер радио: Колку охриѓани имаат здрави заби односно колку се грижат за оралното здравје?

Павлеска: Не би можела да парафразирам  статистички податоци, но мој личен став е дека ние како народ немаме основна здравствена култура. Најчесто тој пропуст го оправдуваме со недостигот на основен стандард на живот, презафатеноста со работни обврски, наводниот страв од „заболекари” и други оправдувања во овој стил.

Воспитувањето на детето започнува од најмала возраст, и од дома од страна на неговите родители. Тука спаѓа и раното стекнување на навики за лична хигиена и миење на забите. Во домот се стекнува навиката за редовно и правилно миење на забите. Последните години децата уште во градинка добиваат основни предзнаења за правилна исхрана,за одржување на лична хигиена со посебен акцент на миењето на забите. За состојбата на забалото на секое дете најголема морална одговорност и обврска има родителот. Родителот е тој што треба да го донесе своето дете на стоматолог и да му создаде навика за редовно контролирање на забите. Тоа е најголемата услуга која родителот му ја прави на своето дете. За се понатака, одговорноста ја презема стоматологот кој е пак, избран од страна на родителот.

За возрасната популација нема правило.Имам пациенти со низок животен стандард но со многу висока свест и ажурност кои треба да ни послужат како пример за дисциплинирани и редовни пациенти, со беспрекорна хигиена во устата, со комплетно санирани заби и прекрасна насмевка. Сметам дека се’ се должи на личниот став на поединецот околу одредени постапки.

За некои работи треба едноставно да се надминеме себеси и да ги искорениме некои лоши навики од типот добивање совети и терапија по телефон,купување на лекови „на своја рака” без препорака и преглед од страна на стоматолог, импровизирано третирање со надрилекови и бабини деветини во домашни услови. Таквите пациенти се најтешки случаи за решавање бидејќи само го одлагаат проблемот, а не го санираат истиот. На стоматолог се јавуваат само во алармантни случаи, во терминален и крајно искомпромитиран стадиум и очекуваат чудо од стоматологот.

Супер радио: На колкав период треба да се посетува матичниот стоматолог?

Павлеска: Редовни контроли кај стоматологот препорачливо е да се прават на секои 6 месеци, а за најмладите во периодот на физиолошка смена на забите односно на возраст од 6 до 13 години ако е потребно и на три месеци. Стоматологот се посетува  секогаш кога пациентот почувствува потреба да се обрати за стручна консултација или некоја конкретна интервенција.

Супер радио: Што треба да знаат децата и какви навики да стекнат за да ги зачуваат здравите заби?

Павлеска: Бидејќи текстов претежно ќе го читаат родители ги задолжувам истите да издвојат дел од своето драгоцено време и да поразговараат со своите деца на овие теми за да видат од каде треба да почнат со градењето на основна стоматолошка култура и навика за посета на стоматолог. Сите професионални совети и препораки најдобар ефект ќе дадат доколку детето ги чуе лично од својот избран стоматолог.

Супер радио: Вие сте мајка на четвртоодделенката Михаела. Лекарите делат совети за подобро здравје, а се разбира, советите се неизбежни и за членовите на семејството. Колку таа ве восприема како стоматолог,или пак, повеќе ги слуша советите на вашите колеги?

Павлеска: Овде ќе зборувам како мајка.Како и секој родител будно и крајно ажурно го следам растот и развојот на Михаела во сите сфери па и во областа на забите и оралното здравје. Секогаш користам прилика да разговарам со ќерка ми Михаела, да ја ислушам како таа ги перципира одредени појави, промени, па и конкретни проблеми. Со најпрости зборови, стрпливо и описно се трудам да и дадам одговор на нејзините прашања. И укажувам  зошто е добро да се направи „ова” или зошто не е добро да се направи „она”, и давам време да го апсолвира укажаното и можност да го спроведе корисниот совет во дадена ситуација. За да не биде само теоретски низ мојот личен пример во пракса и покажувам дека тоа нема да боли, дека не е толку страшно итн.

Како родител, а и како човек не сум воопшто суетна,така што имав ситуација каде што моето дете го однесов на стоматолог кај друг доктор, а јас бев покрај моето дете морална подршка само како мајка. Интервенцијата се заврши во најдобар ред, без никакви опструкции и убедувања. Бев пресреќна кога видов колку моето дете е подготвено и расположено за соработка.

Супер радио: И флуорот е важен за здравите заби. Во некои развиени земји млекото се флуорира, но кај нас се уште нема ваква практика, а можеби и нема да ја има во догледно време зашто, како што велат, тоа е сепак скапа постапка?

Павлеска: Флуорот е важен за здравите заби,секако,но во дози и внесен на соодветен начин, зашто во спротивно,  може да биде и меч со две оштрици. Нема да навлегувам во финансиската исплатливост на флуорирањето млеко, или вода сеедно. Од она што го следам изминативе години на таа тема испаѓа дека проблемот не е во исплатливоста,  туку во убедувањето дали тој метод ќе ги даде очекуваните резултати. За тоа државата прави стратегија за превенција на кариес кај најмладата популација, па сметам дека најсоодветен одговор би добиле од соодветните институции надлежни за тоа.

А ако се ослониме на искуството на одредени држави дилемата ќе биде уште поголема…

Супер радио: Расипаниот заб знае да заболи обично во ноќните часови. Сте им излегувале во пресрет на пациентитесо силна забоболка во доцните ноќни или раните утрински часови?

Павлеска: Забоболката не прашува за место и време. Сум излегувала во пресрет онаму каде што имало потреба. Отстранувањето на акутната болка од забот спаѓа во  ургентна состојба или прва помош. Стоматолозите имаат безброј непроспани ноќи зад себе.Затоа пациентите треба да бидат благодарни на своите стоматолози и да доаѓаат навреме на стоматолог, или едноставно речено, да го почитуваат работното време на стоматологот.

Супер радио: Дали и покрај тешкотијата што ја носи оваа професија, кога  би го вратиле времето наназад, би ја избрале повторно како ваша определба?

Павлеска: Не размислувам на таков начин. Кога ја избрав мојата професија имав 18 години. Сега имам 40 и уште 22 години работен стаж. Имам само една желба,  да се пензионирам како стоматолог-бидејќи човек најдобро го работи она што го сака и што го исполнува. А мене мојата професионална определба ме прави да се чувствувам исполнет човек.

Супер радио: Колку слободно време Ви останува за Вашето семејство, и како најчесто го поминувате?

Павлеска: Слободното време го поминувам во кругот на семејството. Живеам повлечен семеен живот со сите обврски кои ги носи денешницата.Уживам во улогата на мајка и домаќинка. Ја сакам природата и најубаво се чувствувам во спој со истата. Пешачам, возам велосипед…Најсреќна сум кога го поминувам моето слободно време во селото Љубаништа во моето викендиче со најубав поглед на охридското зајдисонце.

Другите за д-р Наумоска – Павлеска

Д-р Сашо Стоев, сопственик на ординацијата „Д-р Стоев“: Д-р Бонета е одличен стоматолог. Има посебен пристап кон пациентите  и им обрнува соодветно внимание што е мошне значајно. Таа е професионалец и совесен доктор, но и одличен колега. (Крај/Т.А.)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука