Избор Охрид

Сурова реалност на охридски бездомник: Не ми останаа ни солзи, ниту живот во мене

Охрид, 17. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Тажна и сурова е животната приказна на 50-годишната З.М. од Охрид која со години спие каде што ќе најде место, претежно во напуштени и разурнати куќи во градот.

– Со години живеам вака. Ова повеќе не е живот. Од студот ми испаднаа забите. Еднаш во денот се прехранувам и тоа е се’. Како да живеам во пеколот, започна да ни ја раскажува својата приказна З.М. без да испушти ниту една солза, зашто како што вели, повеќе нема ниту солзи, ниту живот во себе.

Нејзината голгота започнува кога го напушта семејниот дом кај сопругот во струшкото село Луково. Во обид да се врати во родната куќа во Охрид, таа не успева поради конфликт со членовите на нејзиното најтесно семејство.

DSC00162

За случајот на З.М. се запознаени и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Охрид, но и Здружението на граѓани „Опција“ кое секојдневно и ’ излегува во пресрет.

Веќе четврта година таа ги користи услугите на Дневниот центар во ЗГ „Опција“ каде добива еден оброк во текот на денот, услови за бањање, а понекогаш и алишта.

– Целиот тим на здружението „Опција“, секој во свој домен е вклучен со голема желба и надеж барем малку да и’ се помогне и олесни нејзиниот и така тежок живот кој претставува секојдневна борба со гладта и лошите временски услови. Во Дневниот центар таа користи топол оброк, туширање, облека и лекови по потреба. Се работи за многу специфичен и тежок случај кој е вистинска слика на лице што е на маргините на општеството, оставена сама на себе без сопствен покрив над глава, лоша здравствена состојба (нема одредено дијагноза), нема здравствено осигурување и нема лични документи за идентификација, вели Јулијана Настоска, социјален работник во Здружението на граѓани „Опција“.

Според Настоска досега биле направени повеќе обиди за да и’ се помогне на З.М. на каков било начин, но таа и натаму останува без покрив над главата.

– Како социјален работник во здружението, имам остварено средби и со двата Центри за социјална работа во Охрид и Струга за згрижување или обезбедување на социјална парична помош. Со тогашниот заменик-началник на СВР Охрид е направен разговор околу постапка за вадење на нова лична карта. Црвениот крст од Охрид секогаш ни излегува во пресрет со храна и облека. Разговарано е и со нејзиниот татко во Охрид. Сепак, и покрај отвореноста и подготвеноста за соработка и координација што ја покажаа сите установи, проблемот не е решен. Токму затоа е потребен мултдисциплинарен пристап на сите владини и невладини организации кои може да помогнат во решавање не само на овој случај, туку и на многу слични што ги имаме, појаснува Настоска.

Алиштата што З.М. ги добива  и ги крадат луѓе кои се на работ од егзистенцијата бидејќи ги остава на отворено каде што и престојува.

– И алиштата, но и ситните пари што ми ги даваат понекогаш добрите луѓе ми ги крадат другите бездомници како мене. Ништо немам, се смрзнав цела зима. Немам со што да ги заменам водените алишта што се на мене, па така седам по цел ден и преспивам ноќе. Измрзнав. Кога ќе легнам ми се чини дека ѓаволи ме дават од што е студено, ни раскажува дел од нејзината горчлива животна приказна З.М..

И од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Охрид велат дека се работи за сложен проблем со кој службите на оваа установа се добро запознаени.

– Центарот за социјална работа има постапувано многупати но секогаш работата застанува некаде бидејќи наидуваме на пречки. Таа се’ уште не е разведена од нејзиниот сопруг со кого не живее години наназад и се’ уште се води како жител на Струга. Нема ниту лична карта, а не можеме да извадиме бидејќи нема постојано живеалиште, ниту пак договор дека некаде престојува под кирија, велат од Центарот.

Бидејќи се води како жител на Струга, од Центарот за социјална работа објаснуваат дека и’ понудиле со нивно возило да ја одведат во Струга каде што може да поднесе барање за развод и оттука да почне да се решава нејзиниот огромен проблем, но, како што велат, таа не соработувала со службите.

– Исто така сме информирани дека не е во добри односи со нејзиното семејство од кое потекнува. Според нашите информации од судот, таа вршела вербално и физичко насилство врз членовите на нејзиното семејство што е причина, тие повеќе да не ја прифаќаат, а судот да и’ забрани да врши насилство. Затоа живее во руинирана и напуштена куќа изградена од плит на улицата „Стив Наумов“, појаснуваат од оваа меѓуопштинска установа.

Оттаму додаваат дека и понудиле да ја згрижат во прифатниот центар во Чичино Село, но како што појаснуваат, таа категорично го одбила предлогот.

– Во повеќе наврати има добиено и еднократна парична помош,но јасно е дека тоа не е трајно решение. Очигледно е дека жената има и психички проблеми. Сметаме дека судот требаше да и’ одреди психијатриско лекување. Можеби од тука ќе почнеше да се решава нејзината тешка состојба во која се најде, раскажуваат од Центарот за социјална работа.

Повеќе обиди да и’ се помогне на З.М. направија и волонтерите од охридскиот Црвен крст. Само во 2009 година во рамките на проектот за хумани вредности „Еден ден среќа“, активистите од оваа организација и обезбедија шатор со кревет за да може да преноќува, облека, а се погрижија и за нејзините хигиенски потреби. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави