Охрид, 19. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вршителот на должност директор на новоформираното Средно општинско стручно училиште „Свети Кирил и Методиј“ Славица Костоска, денеска на прес-конференција зборуваше за постигнатите успеси на училиштето од почетокот на неговото работење како самостоен правен субјект, како и за проектите што се планираат во училиштето во текот на претстојниот период.
– Не јас како в.д.директор, туку како прва меѓу еднаквите, заеднички сплотено со целиот колектив го постигнавме она што го зацртавме од август минатата година кога започнавме функционираме како самостојно училиште, рече Костоска.
Како што додаде таа, откако оваа образовна установа се осамостоила, наследиле само зграда, недоволен број професори и само две хигиеничарки кои заминувале во пензија, поради што наставниот кадар ја презел работата во свои раце за да може непречено да започне учебната година.
– Покрај административните активности околу регистирање на училиштето, отворање жиро-сметки, прва грижа на вработените беше организирање на почетокот на воспитно-образовниот процес во учебната 2014/2015 година. Нерасполагањето со сопствени средства, потребно време за реализација на нов финансиски план, ограниченост за дополнително финансирање над вообичаените тековни трошоци од страна на основачот, Локалната самоуправа, заминувањето во пензија на двајца хигиеничари на крајот од минатата учебна година, наметна една динамична атмосфера на уредување, адаптација, чистење и облагородување на наставниот простор. Се адаптираа две нови училници на приземјето, кабинетот по информатика, се уреди и осветли влезот во училиштето, се варосаа и машински се исчистија и дезинфицираа училниците и ходниците. Многу фирми и физички лица несебично учествуваа во овие активности, како извршители, но и во поголем дел како донатори. Најавени се и донатори за реконструкција на санитарните простории и за една канцеларија за стручните служби во училиштето, истакна в.д.директорката Костоска.
Според неа, до крајот на првото полугодие се уредил еден кабинет со компјутери наменет за екстерно проверување на успехот на учениците и за користење во наставата по сите наставни предмети кои вклучуваат информатичко-компјутерска технологија.
– До крајот на оваа учебна година, за непречено спроведување на екстерното проверување и државната матура, ќе се опреми уште еден ваков кабинет, најави Костоска.
Во текот на изминатите шест месеци од самостојното делување на училиштето „Свети Кирил и Методиј“ започнаа и проектите „Млади амбасадори на УНЕСКО“, „Македонија без отпад“, потоа проектот „Лидер“ за избор на најдобар ученик по струки во завршни години во организација на Министерството за образование и наука, проектот за едукација и превенција против семејното наислство, како и активности за заедничка грижа за правилно насочување на учениците. Училиштето е вклучено и во проектот „Хрватска 2015“ што подразбира посета и соработка со реномирани фирми од Хрватска како што се „Краш“, „Виндија“ и „Подравка“ и запознавање со менаџирањето на нивниот производствен процес. Оваа образовна установа е дел и од проектот „Академија на Централно европски училишта“ која претставува мрежа за промовирање размена и интеркултурен дијалог помеѓу ученици и наставници.
Како што појасни в.д.директорката Костоска, од почетокот на учебната 2014/2015 година, во новото училиште се формира и работен колектив, со преземање на вработените од ОСУ „Свети Климент Охридски“, со склучување спогодби со наставен кадар од други училишта, и со примање нов кадар според согласноста добиена од страна на Локалната самоуправа.
Одделувањето на економските и медицинските паралелки од Гимназијата, според неа има одредени придобивки.
– Како прво, има постои поголема самостојност во работењето, која придонесува и за многу поголема одговорност. Има поголема ефикасност и стручност во извршувањето на работните задачи. Постои можност за вклучување во проекти исклучиво наменети за стручно образование кои во рамките на Гимназијата не беа соодветно имплементирани и не беа доставувани од страна на организаторите на таквите проекти заради недоволна информираност дека во ОСУ „Свети Климент Охридски“ има и паралелки од стручно образование. Со одделувањето постои можност за користење средства од фондовите наменети за стручно образование, но и максимална вклученост на ученичката заедница во општите текови на училиштето која досега беше често маргинализирана, рече Костоска на денешната прес-конференција.
Од почетокот на учебната година, на влезната врата во СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ се поставени и редари. По двајца ученици во двете смени, дежураат и се грижат за безбедноста на учениците, но и ги упатуваат луѓето однадвор до потребните канцеларии или кабинети.
И екстерното тестирање на учениците од завршните години, како што беше речено на денешната прес-конференција беше спроведено без никакви пречки. Како што појасни Костоска, училиштето и покрај сите предизвици уредно се вклопило во системите на е-дневник и на екстерното тестирање, како и во сиистемот за полагање училишна матура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес