Охрид, 20. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вештачкиот мрест на охридската пастрмка во Охридското Езеро е при крај, а годинава се собрани над 2,5 милиони зрна икра.
Според Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод во Охрид, во текот на последните години, ова количество икра се собира за релативно краток период.
– Според планот којшто е направен од страна на технички лица од Албанија и Македонија, во суштина, езерото треба да се порибува со 3,5 милиони единки подмладок охридска пастрмка прихрануван во текот на шест месеци. Во овој случај, македонскиот дел е пополнет, а колку што имаме сознанија и албанската страна го исполнува планот со 800 илјади единки, вели Спирокоски.
Тој појаснува дека од година во година се повеќе се возобновува рибниот фонд во Охридското Езеро.
– За потребите на мрестот се фатени и повторно вратени во Охридското Езеро над две илјади килограми охридска пастрмка. Показател е што годинава се фаќани матици коишто биле ловени пред неколку години и повторно дошле на својот мрест, додава Спиркоски.
И според Ристе Танасоски од „Пастрмка 2012“ која стопанисува со рибниот фонд во Охридското Езеро, благодарение на одличната физичка заштита на рибочуварите и соработката со надлежните институции, вешташкиот мрест на охридската пастрмка во 2015 година е најуспешниот во последната деценија.
– Тоа се должи пред се’, не само на рибочуварската заштита, туку и на сите вработени кои деноноќно ги чуваа плодиштата на охридската пастрмка. Три години веќе учествуваме во вештачкиот мрест на пастрмката а оваа година успеавме да собереме 2,5 милиони зрна икра од кои 2.100.000 на охридскиот, а остатокот на струшкиот дел од езерото. Иако колекционирањето икра е речиси завршено, ние и натаму ќе продолжиме со интензивната физичка заштита се’ додека трае забраната за лов на пастрмката, вели Танасоски.
Според него, само со максимална физичка заштита и со вештачкиот мрест во текот на целата година може да се возобнови популацијата на охридската пастрмка.
– Риботкрадството во езерото откако тоа има концесионер е намалено за околу 95 проценти. Остануваат некои поединци рибокрадци кои можат да се набројат на прсти, но за поголемиот дел од нив веќе имаме започнато постапка до надлежните судови, дециден е Танасоски.
Граничните полицајци од Охрид, во текот на минатиот месец откриле и заплениле стотина метри рибарски мрежи поставени во реонот во кој патролирале, а покрај тоа задржале и поголема количина рибарски алат и прибор. Во текот на минатиот месец, тие спречиле неколку обиди за криволов, заплениел седум килограми пастрмка која била во мрежите, а пријави се поднесени против три лица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес