Охрид/Скопје, 21. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот поет Тоде Илиевски и струшкиот автор Петко Шипинкаровски се дел од акцијата за афирмација на македонското творештво, проект кој го спроведува издавачката куќа Феникс од Скопје.
– Денес во Скопје започна акцијата „Читајте македонски автори и книги“, што ја организираат Издавачката куќа Феникс и Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент. Кампањата ќе продолжи и во наредните месеци, а секоја следна сабота ќе се лепат летоци со нови автори и наслови, велат од издавачката куќа Феникс.
За таа цел на дрворедите како природни билборди беа излепени препораките за читање на новите книжевни дела од голем број македонски автори, меѓу кои овојпат се најдоа дела на Тоде Илиевски и Петко Шипинкаровски.
Исто така има дела и на други македонски поети и писатели, како Радован Павловски, Љубе Цветановски, Софе Штерјоски, Велко Неделковски, Киро Донев, Јордан Плевнеш, Билјана Станковска, Христо Петрески, Трајче Кацаров, Ванчо Полазаревски, Борче Грозданов, Елена Пренџова, Ерол Туфан, Филип Димкоски и други.
Исто така, во меѓувреме, ќе виде покренат и профилот Македонски автори и книги на кој секојдневно ќе се препорачуваат нови творци и остварувања, а ќе се објавуваат и анкети и препораки за читање, вести за промоции и слични настани, но и топ листи и други информации поврзани со македонските современи писатели и нивните најнови дела. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива