Охрид, 23. февруари 2015 (ИНПРЕС) – Почитувани читатели, помина првата третина од циклусов, а јас останав без текст! И, како да не остане човек без текст? Кога во време на „бомби“, да фрлаш со „тегнало“ е исто како со „лајца да го празниш езероно“ за да спречиш поплава, а од другата страна, истовремено некој ја затвора браната!
Да Ви кажам искрено, зажалив што го прифатив овој предизвик, да споделам со Вас по некое размислување, токму во ова (НЕ)време, бидејќи повеќе од јасно е дека овој циклус на „… за Охрид се зборува“ ќе остане длабоко под црните пеплишта на „бомбите“ од високите кругови на партиските говорници, кои ама баш ги заболе „за Кого се работи и зборува“! Сакам да кажам дека е безпредметно, да дебатираме за дупките на асфалтот или пак за дупките на контејнериве за ѓубре низ градов, кога од другата страна, оние „ГОЛЕМИТЕ“ кои безмилосно, гнасно и без правила на игра се „тепаат“ меѓу себе за ПРЕВЛАСТ, ни откриваат огромни кратери во уставот и законите на нашата мила Татковина, кратери кои ним „надредените“ им даваат за право да бидат недопирливи во споредба со нас „подредените“. Замислете, истите Устав и закони со кои го „оковаат“ обичниот човек во име на „демократијата“, за нив претставуваат алатка за контрола на сопствениот електорат со кој безмилосно владеат, недозволувајќи истиот да има сопствено мислење. Кога го пишувам ова, сакам со едно да сме на чисто, а тоа е дека претходново го мислам буквално за сите учесници во македонскиот политички „плурализам“ (ако воопшто може така да се нарече), од самиот негов почеток до денес. Деновиве сме сведоци на најмасовниот атак врз Уставот, законите и основните човекови права и тоа од страна на двете најголеми партии или политички блокови во државава, а што е уште пострашно истите не покажуваат намера да престанат со тоа туку напротив, имаат силен мотив да продолжат, гледајќи го ова како конечна шанса за ликвидација на другиот. Имам впечаток дека се толку далдисани во намерата конечно да го „задават“ другиот, што забораваат дека ние „обичните“ граѓани воопшто постоиме, бледо не гледаат како некоја недефинирана аморфна маса, која очекуваат по сила на гравитацијата безпомошно да ги следи во нивните последни битки, забораваат дека некои од нас, колку и да сме задоволни или незадоволни од нив, колку и да сме им давале поддршка до сега, колку и да сме очекувале од нив, едноставно не сме подготвени да го погазиме сопственото достоинство и без размислување да се приклониме кон нивната цел. Извинете, ама ние „обичните“ граѓани имаме наши сопствени цели, сопствени глави, сопствени идеи, сопствени проблеми и за жал Ве имаме и Вас кои не гледате како бројки, како гласачки ливчиња, како муниција во вашите борби за Власт. Нам не ни е сеедно дали ќе не прислушкувате или не (без разлика кои и од каде и да сте), дали ќе ни местите судии и пресуди, дали ќе не казнувате или затварате по Ваша желба, дали ќе не кодошите или предадете, дали ќе не влечкате по протести и митинзи како логораши, дали ќе ни се заканувате или не, дали ќе не регистрирате воопшто дека постоиме или не. Се обидувам во целава ситуација, да го следам оној народски порив, кога е тешко да се запее и да се насмее човек, порив кој веројатно не одржал низ сите апсурди на минатото. Се смеам, ја вртам работава кон хумор, ама некоја „ј’нѕа ме ј’јт“ од внатре, се истите прашања ми се вртат низ мислите: Ако овие од „високите“ кругови не ги почитуваат Уставот и законите, требаше ли чичкото од бакалницата да плати пет илјади евра казна за една гајба јаболка од својата бавча кои ги продавал во дуќанчето? Требаше ли тетката од паркот да ја плати казната зошто немала корпа на устата од својата пудлица или пак не го собрала изметот со најлонче од тревата, во која се поганат и сите кучиња скитници од градов? Требаше ли воопшто да се надеваме дека еден ден во Охрид ќе имаме затворен пазар, базен, автобуска, ски центар и сл.? Треба ли сеуште да плаќаме даноци и комунални такси за услуги кои воопшто не ги добиваме? Треба ли јас сеуште да пешачам по 1.000 метри за да стигнам до најблискиот контејнер за ѓубре или да почнам да си го оставам ѓубрето до бандерана каде што не така одамна си имавме контејнер? Треба ли да зборуваме за Студенчишкото блато, за Љубаништа, за Галичица? Треба ли ние да ги почитуваме Уставот и законите или не? Треба ли воопшто да размислуваме? Требаше ли сето тоа да се случи? И треба ли на следните избори, повторно да бидеме едно од многуте гласачки ливчиња кои ќе ги остваруваат целите на оние, кои ама баш ги заболе „За кого се работи“.
Со голема желба да бидам целосно и точно разбран од страна на сите читатели, но и со силно убедување дека тоа нема да се случи, овој мој став им го посветувам на сите „обични“ граѓани, кои не се дел од аморфните маси на било која од политичките партии. Останатите можете слободно да ми прилепувате етикети, секако тоа го правите на сите нас, од како постои оваа наша така наречена „ДЕМОКРАТИЈА“. Искрено жалам, што поради најновите „возвишени“ политички цели, овој циклус на рубриката нема да ја достигне убавината на својата основна цел. Жал ми е, што не ми „дозволија“ за Охрид да зборувам, им простувам во име на православните вредности и искрено Ве молам да ми простите, се молам, Бог да ни прости на сите и да не благослови со мир, спокојство и истрајност во претстојниот Велики пост!
Антонио Додевски
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во четвртиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на февруари 2015. година до крајот на март 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат адв. Александар Карали, Спаско Костоски од здружението „ЕКУЛТУР“ и интернационалниот водич во планина Антонио Додевски.