Охрид, 23. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Директорот на Здравствениот дом во Охрид, М.Д. којшто е осомничен за финансиски криминал тежок над 7,5 милиони денари се’ уште е во бегство.
Против него и против двајца негови блиски соработници, Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава заради „проневера во службата“, „поттикнување“, „помагање“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“. Тие се товарат дека кривичните дела ги извршиле во периодот од 2010 до 2014 година.
Двајца од пријавените се во притвор, додека по првопријавениот кој е во бегство, е распишана потерница и по истиот интензивно се трага. Дознаваме и дека на денот кога се реализирала акцијата за притворање на осомничените, директорот не бил на своето работно место.
Од Секторот за внатрешни работи во Охрид велат дека интензивно се работи на случајот и на пронаоѓање на осомничениот лекар-директор.
Инаку, по извршените споредби на реализираниот промет од фискалните каси со уплатените парични средства во благајната како и уплатените парични средства на банкарската сметка на Здравствениот дом Охрид, финансиската полиција констатирала дека прометот извршен преку фискалниот апарат редовно се предава во благајната, но така извршениот промет и предадените парични средства наплатени од пациентите, од страна на второпријавениот Н.К., во целост не биле уплатувани на банкарската сметка на Здравствениот дом Охрид.
При контролата на сметководствената евидениција и документација на Здравствениот дом, било констатирано дека третопријавената М.Н, вработена како шеф на сметководство во Здравствениот дом, за да ги прикрие трагите на криминалот што бил очигледен, само дел од финансиската документација ја евидентирала во сметководствената евиденција на оваа јавна здравствена установа. Третопријавената М.Н, по претходно добиена усна наредба од страна на директорот на Здравствениот дом, во континутет, започнувајќи од 2010 година подготвувала фалсификувани завршни сметки кои потоа со потпис на директорот се поднесенувани до Централниот регистар на Република Македонија.
По спроведената детална истрага, Управата за финансиска полиција утврди дека во периодот 2010-2014 година во Здравствениот дом во Охрид се проневерени вкупно 7.565.302,00 денари за кој износ ќе одговараат трите пријавени лица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива