Скопје, 23. феваруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, Игор Лукшиќ, на покана на Министерот за надворешни работи на Република Македонија, денеска престојуваше во еднодневна официјална посета на Република Македонија.
На пленарната средба на делегациите на двете Министерства, Министрите Попоски и Лукшиќ ги потврдија одличните билатерални односи меѓу двете земји, засновани на меѓусебна доверба и пријателство.
Во рамките на посетата беше потпишан и Протокол за колокација на дипломатско-конзуларните претставништва на двете земји во амбасадата на Република Македонија во Француската Република, што претставува прв ваков позитивен пример на соработка во Регионот и практичен чекор кон оптимализација на ресурсите на дипломатските служби на двете држави. Исто така, беше констатирана потребата за креирање заеднички пристап за унапредување на економската соработка, како и за привлекување странски инвестиции. Во овој контекст, беше дискутирано и за планираните средби на Црногорско–Македонскиот Мешовит економски комитет, а се разгледаа и можностите за соработка на заеднички регионални инфраструктурни проекти кои се предуслов за реализирање на севкупниот економски потенцијал на двете земји.
На средбата беа покренати и прашањата од аспект на евроинтегративните процеси на двете земји. Двајцата министри изразија подготвеност и за размена на искуства на експертско ниво, согласно потпишаниот Договор меѓу двете Влади во контекст на процесот на пристапување во ЕУ. Тие исто така изразија задоволство за заедничкиот настап пред Европската Унија во однос на усогласувањето на роаминг регулативата, размената на полициски службеници за време на туристичката сезона, констатирајќи дека плодната соработка во сите ресори се гаранција за успех на секоја идна иницијатива и соработка. (Крај)
извор: МИА фото: МИА