Охрид, 23. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Iзвидничкиот одред „Пионер“ од Охрид со низа активности го одбележа 22. февруари, Светскиот ден на извидниците.
Членовите на овој одред изминатата година успешно реализираа повеќе проекти, меѓу кои и проектот „Среќни птици“ во чии рамки изработија и поставија 50 куќички за птици во околината на градот и во Националниот парк „Галичица“. Тие зедоа активно учество и во рамките на традиционалната акција Ден на дрвото во чии рамки засадија садници во месноста „Мауцкер“.
Во проектот за промоција на извидничкото движење, извидниците од „Пионер“ ги посетија речиси сите основни општински училишта, како во Охрид, така и во Општина Дебрца, каде преку соработка со директорите и раководствата на училиштата, пред учениците презентираа свои активности поврзани со животот во природа.
На Државниот натпревар во ориентација го освоија бронзениот медал и третото место во Република Македонија.
ИО „Пионер“ изминатата година беше домаќин на четиридневната младинска акција „Камп на забавата” на која присуствуваа 130 извидници и младинци од цела Македонија кои несебично низ игра и натпреварување ги зајакнуваа меѓусебните врски разменувајќи искуства.
Охридските извидници од овој одред беа вклучени и во одбележувањетона значајните историски датуми во општината.
По повод вчерашниот извиднички празник неодамна беше организирана и локална хуманитарна акција на која што извидниците собраа доброволен прилог од прехранбени артикли, храна и хигиенски средства, наменети за загрозените во неодамнешните поплави во Република Македонија и во соработка со Општинскиот Црвен крст помошта беше испратена онаму каде што е најпотребна.
Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на извидниците, свечено беа примени уште девет нови членови во одредот „Пионер“, кои по подготвителниот период, со давањето на свечениот извиднички завет, активно се вклучија во извидничкото семејство.
Денес во светот активно работат повеќе од 36.милиони извидници-волонтери во 161.организација-држава придонесувајќи за развојот на младите во општеството и создавање на подобар свет и единство помеѓу луѓето.
Во Република Македонија, ова движење се јавува во 1921 година со формирање на групи во поголемите градови, а од 1997 година Сојузот на Извидници на Македонија е и официјална членка на Светската организација на извидничкото движење. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес