Охрид, 23. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Матурантите од Средното општинско стручно училиште „Свети Кирил и Методиј“ од Охрид, нема да ја прослават матурата во некои од хотелите надвор од Република Македонија.
В.д. директорката на оваа образовна установа Славица Костоска појаснува дека причината за тоа лежи во законските процедури кои треба да се запазат, а за кои училиштето не успеало да побара одобрување бидејќи се регистрирало како правен субјект пред само неколку месеци.
– Законот за средно образование децидно кажува дека учениците во текот на школувањето во средните училишта можат еднаш да одат на ексурзија во странство. Нашите матуранти и учениците од трета година тоа го направија кога беа втора година. Другите училишта бидејќи постоеја и претходно како правни субјекти, порано презедоа активности за вклучување на оваа активност во програмата што ја немаме ние, појаснува Костоска.
Како што додава таа, за спроведување ваква екскурзија треба да се побара одобрение од Бирото за развој на образованието и од Министерството за образование и наука.
– Ако не побараме дополнително одобрување од страна на Бирото за развој на образованието и од страна на Министерството за образование, не смееме да спроведиме таква ексурзија. Ние сме нов правен субјект и функционираме од први септември. Ако ја спроведеме, таа активност ќе биде незаконска, додава Костоска.
За разлика од нив, матурнатите од Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ годинава матурата ќе ја прослават во рамките на екскурзијата во Италија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес