Охрид, 24. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Секој зафат за зголемување на производството на електрична енергија е од огромен интерес за економскиот развој на државата, но независно какви зафати преземаме како држава, ние или некој странски инвеститор, мора да внимаваме на еколошките последици што можеме да ги предизвикаме, предупредува екологистот Лазо Наумоски.
Тој потсетува дека во дримското сливно подрачје се изградени хидроцентралите „Глобочица” и „Шпилје” и нивното снабдување со вода претежно се одвива преку реките Црн Дрим и Радика.
Според Наумоски, намалувањето на издашноста на водата преку реката Радика мора да биде на сметка на зголемување на издашноста на реката Црн Дрим.
– Зголемувањето на истекот на водата од Охридското Езеро преку Црн Дрим поголемо од 22 м3 во секунда е огромна можност да се соочиме со огромни еколошки последици за езерската фауна, односно охридската ендемична пастрмка. Тоа значи дека нивото на Охридското Езеро драстично ќе почне да опаѓа и нормалната кота од 693,80 ќе оди во надолна линија.Охридската пастрмка како ендемична риба најмногу реагира на промените на нивото на водата на Охридското Езеро посебно ако оди во надолна линија. Вознемирена и возбудена, неопходна и е вода која е богата со кислород, вели Наумоски.
Тој додава дека македонскиот дел од езерото располага со 17 сливни води, а албанскиот со 23.
– Бидејќи албанскиот дел од езерото е побогат со кислород, вознемирената пастрмка се движи во спротивен правец од течението на водата од езерото, односно преминува во албанскиот дел каде станува жртва на легалниот излов. Неповратно засекогаш ги губиме големите риби матици од охридската пастрмка која со вештачкиот и природниот мрест би дала квалитетна икра за добивање на рибен подмладок кој сигурно многу би преживеал во водите на Охридското Езеро. Со ова само ќе се усложни процесот на стабилизација со охридска пастрмка во охридско-струшкиот дел од езерото, појаснува Наумоски.
Токму затоа, вели тој, неопходно е да се преземат одредени зафати во дримското сливно подрачје.
– Треба да се створат неминовни услови за покачување на водената кота од Дебарското Езеро. Сегашната корисна кота од 560-580 метри на езерото „Шпилје”, доколку овозможуваат условите, неминовно е да се покачи на 590 метри, се разбира ако за тоа има услови и повисоко на 600 метри. Реката Сатеска е неминовно што е можно побрзо да се пренасочи во нејзиното старо корито. Нејзиното влегување во Охридското Езеро со годишен прилив од преку 3-5 м3 вода во секунда најдобро е да се пренасочи во нејзиното старо корито и дирекно се влива на реката Црн Дрим, односно да се стави на располагање како директен снабдувач со вода на езерата „Глобочица” и „Шпилје”, објаснува екологистот Лазо Наумоски.
Според него, изградбата на мини-акумулацијата Бошков Мост од економски аспект ќе биде исплатлива и многу корисна за Република Македонија. Производството на електрична енергија на годишно ниво ќе ни биде побогато за уште 250 милиони киловат-часови електрична енергија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес