Скопје, 27. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – СВР Скопје – Единицата за економски и компјутерски криминал, поднесе кривична пријава против шест лица од Тетово и Скопје, кои извршиле кривично дело „измама“, состанувајќи се на повеќе локации во Македонија, меѓу кои и во хотел во Охрид.
Откако на 1-ви овој месец од страна на Министерството за транспорт и врски бил распишан оглас за распределба на меѓуопштински и возни редови, на истиот аплицирало лице – Управител на две правни лица од Струга, но на Прелиминарна листа која била јавно објавена на веб страна на Министерство за транспорт и врски, лицата биле одбиени.
Дознавајќи го наведеното, пријавените се договориле и Д.Ј. остварил телефонски контакт со оштетениот, при што лажно му се преставил како извесен директор во Министерството за транспорт и врски, и го известил дека апликациите од неговите фирми за вршење на меѓународен превоз на лица не поминале, но како директор може да му помогне за нивно одобрување. Притоа, на договорената средба во хотел во Охрид отишле шестте пријавени лица, каде Д.Ј. се преставил како извесен Зоран Н. и го запознал оштетениот со второпријавената која се преставила како Елена Н., наводно негова секретарка, додека на другата маса седеле останатите четири пријавени лица.
Во разговорот, Д.Ј. на оштетениот му кажал дека може да му заврши работа неговите фирми да добијат две линии за вршење на меѓународен превоз на лица, и побарал парична награда во висина од 10.000 евра за двете линии, од кои 5.000 евра да му бидат дадени веднаш за да не биде пропуштен терминот во системот за јавно надавање.
Истата вечер, се сретнале на бензинска пумпа на „Макпетрол“ на излезот од Охрид, каде оштетениот му дал 5.000 евра, а за остатокот од 5.000 евра се договориле да ги донесе во Скопје на 20-ти овој месец.