Брисел, 24. феваруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со 47 гласа за и 10 против, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), утринава ја усвои Резолуцијата на известувачот Иво Вајгл за Република Македонија, во која по деветти пат, европскиот законодавен дом бара итно отворање на пристапните преговори за членство на земјата во Европската унија.
Како што јавува МИА од Брисел, анти-македонските амандмани на коалицијата на европратеници од Грција и Бугарија не пројдоа во однос на оваа Резолуција што се однесува на последниот прогрес-извештај на Европската комисија за Македонија.
Известувачот Вајгл, синоќа излезе со 16 компромисни амандмани, како одговор на рекордните 296 амандмани поднесени на неговата Предлог-резолуција. Нив, европратениците во рамки на АФЕТ-групата, денеска ги изгласаа, при што за издвојување е тоа што ЕП по деветти пат бара отворање на пристапните преговори за Македонија, повторно (во однос на макеоднската Влада) се употребува придавката “македонски”, а и се осудува сегашната политичка криза во земјата и од Владата и опозицијата се бара во рамки на Собранието да ги решат поделбите.
ЕП бара конструктивен и инклузивен дијалог на Владата и опозицијата и дека е поделена одговорноста на Владата и на опозицијата да обезбедат одржлива политичка соработка, што е есенцијално за демократскиот развој на земјата. Исто така, ЕП го повторува по деветти пат повикот до Советот да одреди датум за почеток на пристапните преговори без понатамошно одложување со цел да не се загуби моментумот, да се зголемат реформите поврзани со европското законодавство и да се засили процесот на дмеократизација.
– ЕП повторува дека прашањето за името, што е билатерално прашање, не треба да претставува пречка за отворање на пристапните преговори, иако треба да се реши пред завршувањето на процесот на преговори. Исто така, ЕП го поддржува размислувањето на Комисијата дека неуспехот на страните да најдат компромис по две декади на посредувани разговори има директно и негативно влијание на европските аспирации на земјата и нејзиниот народ. Се повикуваат двете влади да превземат конкретни чекори кон изнаоѓање на заеднички прифатливо решение и ја повторува важноста и потребата од конструктивен пристап за решавање на билатералните прашања со соседите, гласи апелот од Европарламентот.
Во оваа Реозлуција, се потсетуваат земјите-членки на ЕУ да се вратат на предлогот за отворање на преговорите со Македонија во 2015 година, со назнака дека отворањето на преговорите може само позитивно да влијае да се решат билатералните прашања. Притоа, ЕП наведува дека понатамошно продолжување на статус-кво ситуацијата го минира кредибилитетот и ефективноста на политиката на проширување на ЕУ и позицијата на Унијата во регионот.
Во македонската Реозлуција, ЕП ја повторува својата позиција дека билатералните прашања не треба да се користат со цел да се спречи пристапниот процес и дека не треба да претставуваат пречка кон официјално отворање на пристапните преговори, но дека треба да се решат што е можно порано во пристапниот процес.
– Притоа имајќи предвид за свесноста за недостигот на усогласеност на една од страните со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 година за примена на Привремената спогодба од септември 1995 година, се наведува во овој дел од Резолуцијата.
Исто така, се повикува и на поголем прогрес во билатералните односи со Бугарија, но дека „ЕП ја повторува својата загриженост во врска со употребата на историски аргументи во сегашната дебата со соседите и ги поздравува напорите кон заедничка прослава на заеднички историски настани и личности со соседните земји-членки на ЕУ и смета дека ова може да придонесе кон подобро разбирање на историјата и добрососедските односи”.
Во компромисниот амандман пет, што се усвои, се упатува повик за поактивен ангажман на ЕУ за прашањето за името и поддржува проактивен пристап од политичките лидери на ЕУ. Се повикува новата Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, да развие нови иницијативи за надминување на сегашниот ќор-сокак и во соработка со специјалниот претставник на Обединетите нации да работат кон заемно прифатливо решение.
ЕП, исто така, го повикува Европскиот совет да спроведе темелна дискусија за македонската перспектива за членство во ЕУ во првата половина на 2015 година и се инсистира на тоа дека сите земји-кандидатки и потенцијални кандидати треба да се третираат во процесот на интеграција според сопствените вредности и се верува дека продолжувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво со Комисијата ќе донесе дополнителен квалитет во реформскиот процес.
ЕП го зема предвид предложениот пакет на измени на Уставот, па се дава мислење дека некои од предлозите може дополнително да се подобрат во согласност со препораките на Венециската комисија, се бара почитување на Европската конвенција за човекови права, како и да се земе предвид законодавството на ЕУ. Исто така, се нагласува дека процесот на долготрајна уставна промена бара широка политичка поддршка, конструктивен дијалог и соработка меѓу сите политички сили и се нагласува потребата за сеопфатна јавна дебата и внимателни консултации и градење на консензус со опозицијата, граѓанското општество и релевантните засегнати страни.
Во однос на домашната политичка состојба, Европарламентот е загрижен за поларизираната домашни клима и бара од Владата да ја почитуваат улогата на парламентот со обезбедување на доволен обем и време за консултации, вклучително и на уставните измени, а во интерес да се овозможи целосна, независна парламентарна контрола. Исто така, се повикува Владата и сите политички партии да работат во насока на подобрување на односите, со цел да се задржи политичката стабилност, да се обезбеди одржлива конструктивна политичка соработка и да се забрза европската агенда.
– ЕП потсетува дека компромисите се од фундаментално значење за функционирање на демократијата и нагласува дека постизборниот бојкот е проблем кој треба да се реши во духот на споделена одговорност меѓу Владата и опозицијата со цел правилно функционирање на Собранието и се повикува Могерини да посредува во договорот меѓу партиите, се наведува во Резолуцијата.
Поради новата ситуација со случајот „Пуч”, Европарламентот внесе нов параграф во Резолуцијата за Македонија, во кој вели дека е сериозно загрижен поради влошувањето на односите меѓу Владата и опозицијата, особено во поглед на неодамнешната најава на обвиненијата против лидерот на опозицијата од страна на премиерот и, исто така, спротивставените обвинувања за кривични лоши дела. ЕП осудува било каков незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени и слободно да се забележи, да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и пресумпцијата на невиност.
Во Реозлуцијата се нотира оценката на ОБСЕ/ОДИХР дека предвремените парламентарни и претседателски избори биле ефикасно спроведени, бара целосно спроведување на Рамковниот договор и го поздравува усвојувањето на новата законска рамка за државни службеници и вработените во јавниот сектор.
Се истакнува и загриженост за загрозеноста на слободата на медиумите, широко употребуваната самоцензура и дека јавниот сервис известува во корист на владејачките партии. Исто така, се осудува секакво насилство кон ЛГБТ-групациите, се бара борба против дискриминацијата на Ромите, а се истакнува и загриженост за детската сиромаштија и недостаток на борба на институциите против оваа појава. А, како последен, компромисен амандман 16, ЕП ја нагласува важноста на прогресивно усогласување на македонските позиции со надворешната политика на ЕУ.
Новата Резолуција на Европскиот парламент, која денеска ја изгласа Комитетот за надворешни работи, треба да ја потврди целиот состав (751 европратеник) на Европарлмаентот, на пленарна седница во Стразбур идниот месец. Резолуциите за земјите-кандидати што ги носи ЕП, а кои се носат во однос на прогрес-извештаите на Европската комисија, немаат никаква правна основа и служат само како политичка порака до Брисел и самите држави на кои се однесуваат. (Крај)
извор: МИА фото: архива