Охрид, 24.февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Новиот тримесечен циклус од едукативната програма „Детски час за приказни“ која веќе шеста година ја спроведува Црвен крст од Охрид започнува утре.
Од оваа организација велат дека ваквиот вид едукативна програма во текот на изминатите години се покажал како многу успешен бидејќи не се работи за класична програма за изучување на анлискиот јазик, туку на забавен начин, децата се доближуваат до книгата.
-Се трудиме да им ја претставиме книгата како нивни пријател и редовно да ја позајмуваат од нашата библиотека, да ја засакаат англиската литература, но и самиот јазик. Истражувањата покажале дека доколку децата на помала возраст се изложуваат на изучување или слушање странски јазик, подоцна изучувањето е полесно, велат од Црвен крст Охрид.
Покрај, креативните, забавно-едукативни содржини наменети за децата на возраст од четири до осумгодишна возраст, овој циклус ќе изобилува и со корисни содржини за родителите, кои, во времето додека нивното дете е на Детскиот час за приказни, тие ќе имаат можност, да учествуваат на советодавните работилници, за корисни теми поврзани со психофизичкиот развој, здравствените навики, социјализацијата на своите деца.
За тоа, како што велат од Општинската организација на Црвениот крст, ќе се погрижат стручни лица како што се психолози, педијатри, стоматолози и дефектолози.
Едукативната програма „Детски час за приказни“ се спроведува во соработка со Американскиот мировен корпус. (Крај)
извор:ОхридПрес фото:архива