февруари 25, 2015

Охрид, 25. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охридските нуркачи деновиве ги прават последните подготовки за пренуркување на Охридското Езеро.

Идејата за овој проект е стара 15-тина години, но како што вели меѓународниот нуркачки инструктор од Охрид, Милутин Секулоски, токму сега дојде време  конечно да се реализираат зацртаните активности.

Станува збор за подводни активности во Охридското Езеро што ќе се реализираат на длабочина од пет до 15 метри и во должина 80 километри и 322 метри.

– Целта не ни е само да го пренуркаме Охридското Езеро, туку со таквото пренуркување да фотографираме, снимаме под вода и да позиционираме одредени пронајдени работи под вода за да довбијат научните инстуции како што се Хидробиолошкито завод и Заводот и музеј податоци кои се од нивни интерес. Имајќи предвид дека езерото не е премногу истражувно досега, целта на проектот не ни е да го истражуваме, но во текот на нуркањето, сите податоци што ќе ги добиеме да можеме да ги пласираме, појаснува Секулоски.

Проектот ќе започне в сабота, на 28-ми февруари во 11:00 часот од Градското пристаниште во Охрид.

– Оттука тргнуваме јас и уште 50-тина нуркачи. Од следниот ден секојдневно ќе има вакви подводни активности, а мене ќе ме следат уште двајца-тројца мои колеги. Етапно ќе ги изведуваме подводните активности од Охрид, преку Струга, се’ до Република Албанија, каде ќе не придружува нашиот колега Енрик Мато со исто така искусни нуркачи од неговата земја.

Како што вели Мато, во неговото искуство како нуркач на албанската страна од Охридското Езеро се забележани наколни живеалишта на неколку места.

– Овој проект е голем предизвик за нас. Кај нас има многу малку искусни нуркачи, но јас долго нуркам и сум забележал дека и кај нас има подводни локалитети. Исто така сум забележал дека има и потонати објекти, а поголем проблем е што има и големо количество муниција во езерото од Втората светска војна. Во 1997 година имаше и фрлање на дополнително количество муниција, вели албанскиот нуркач Мато.

Охридскиот меѓународен инструктор по нуркање Милутин Секулоски вели дека за реализација на овој голем предизвик за нуркачите помогнале и повеќе македонски институции.

– За оваа голема подводна активност имаме голема поддршка од Министерството за одбрана, од полкот за специјални операции на АРМ, како и од МВР и Општина Охрид. Тука е и доктор Горан Балев со хипербаричната комора која ќе биде во приправност доколку затреба, додава Секулоски.

Сепак, како што вели тој, нуркачите се комплетно опремени и подготвени за да ја започнат својата подводна мисија.

– Секојдневно одржуваме кондиција, и во лето и во зима, зашто инаку, не можеме да се впуштиме во ваква голема подводна активност. Откако ќе започнеме со пренуркувањето, секојдневно ќе обрнуваме внимание и на опремата што ќе ја користиме и на чамецот којшто ќе ни стои на располагање.

Предвидено е, подводните активности во Охридското Езеро опфатени со овој проект да завршат за околу четири месеци, по што е планирано да се направи документарна емисија со сите спроведени активности, како и изложба на подводни фотографии. Генерален спонзор на проектот е „Пелистерка“. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука