февруари 25, 2015

Охрид, 25. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска во Охрид ја отвори Регионалната конференција „Земјоделски задруги – придвижувачи на промени“ што се одржува во организација на Асоцијацијата на земјоделски задруги на Република Македонија.

Тој ги претстави мерките што Македонија ги презема за развојот на задругарството, а истакна дека на овој собир ќе се разменат искуства во оваа сфера и со учесниците од другите земји во регионот.

– Имајќи ги предвид искуствата на формираните задруги, добрите вести брзо се шират меѓу луѓето така што постои огромен интерес за нивно формирање. Преку здружување на постоечките капацитети, со заедничко обезбедување средства за механизација и по пат на здружување на земјоделските површини, секако ги прави земјоделците помоќни. Тука сме да размениме искуства, се’ со цел, да го развиеме задругарството како еден од битните предуслови како да се обезбеди конкурентно земјоделско производство, како по квантитет, така и по квалитет, производ што ќе може да се понуди како на домашниот така и на странските пазари, нагласи Цветков.

Според Драги Памуков од Асоцијацијата на земјоделски задруги на РМ, новата легислатива во земјата им дозволува на производителите сами да решаваат како ќе ги организираат своите активности во иднина.

– Нашата организираност моментално е во зародиш, но се’ поголемиот број формирани задруги, притоа користејќи ги позитивните искуства од земјите во регионот, ќе овозможи наше активно учество во изнаоѓањето оптимални правила и форми на игра, рече Памуков.

Организирањето на производителите во форма на земјоделски задруги, според Матијаш Подмилшак од Задружната асоцијација на Словенија, е можеби единствениот начин да се издржат силните притисоци на развиените економии.

– Големите производители од Европа имаат огромни предности како развиена технологија, знаења, така што задугарството е можеби единствената форма што им овозможува на помалите производители поекономично и рационално делување. Постојат позитивни примери како одредени помали задруги пронашле специфични, препознатливи производи карактеристични за одредени региони како вина, сирења, месни преработки, производи што се произведуваат во помали количини и што се наметнуваат на пазарот со особен квалитет, а кои масовните производители не можат да ги следат, истакна Подмилшак.

На дводневниот собир во Охрид учествуваат претставници на асоцијациите на земјоделски задруги од Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Словенија, како и од Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука