Охрид, 26. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Жителите кои живеат во станбените објекти помеѓу католичката црква во Охрид и Студентскиот дом „Никола Карев“ во зима газат низ кал, а во лето се задушуваат во прав.
Тие велат дека уредно си ги подмириле комуналиите и не заслужуваат да газат низ каллива улица која води до нивните домови.
– Живееме во Скопје, но станот што го купивме се наоѓа овде во центарот на градот, токму на оваа неасфалтирана улица. Еве, гледате дека и во зима доаѓаме во Охрид. Често сме овде, но имаме проблем со калливите дупки, ни изјави денеска сопственик на стан кој се наоѓа во една од зградите позади Студентскиот дом.
И охриѓани кои на овој потег имаат станови тука се жалат заради лошата патна инфраструктура.
– Кога врне има многу кал што ја носиме во нашите домови, а во лето, сите што доаѓаат во центарот на Охрид со автомобили ги паркираат тука и се крева огромен прав, вели нашата соговорничка од Охрид.
Од општина Охрид појаснуваат дека овој крак од улицата „Партизанска“ е влезен во програмата за асфалтирање, но се уште немаат точен датум кога тој ќе биде асфалтиран.
– Улицата е во сопственост на општина Охрид. Се работи за еден крак од „Партизанска“ којшто веќе е влезен во Развојната програма за асфалтирање улици и патишта за периодот од 2015 до 2017 година. Точниот датум кога ќе биде комлетно уреден не можеме да го кажеме бидејќи тоа зависи од финансиските средства што ни се неопходни, но и од динамиката на останатите витални проекти, велат од општинскиот сектор за комунални дејности, сообраќај и патишта. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес