Скопје, 27. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Друштвото за управување со отпад „Пакомак“ заедно со своите 670 компании-членки, за прв пат во нашата земја организираат ден без печатење.
Денес тие се одлучија да ги исклучат сите печатачи на работа, дома и секаде каде што ќе ги сретнат, повикувајќи ги сите останати компании и поединци да се приклучат кон оваа иницијатива со цел да создаде еден поубав и позелен свет во кој ќе живееме.
Иницијативата за овој “ден без печатење во Македонија” ја покрена „Пакомак“, која во рамките на своето работење е посветена на Green концептот.
– И покрај тоа што нашата компанија се занимава со менаџирање на амбалажниот отпад и нашата примарна дејност има високи еколошки цели сепак сметавме дека можеме допoлнително да допринесеме за подигнување на самосвеста кај пошироката јавност за секојдневните рутини и навики кои ги имаме и каков импакт тие оставаат врз средината во која живееме. Решивме да го направиме првиот ден, каде што со само еден клик на глувчето може многу да се направи и да се помогне за сочувување на екологијата. Сите оние работи кои треба да ги завршите со печатење, пробајте да ги направите по електронски пат. На тој начин ќе заштедиме голема количина на хартија, ќе спасиме многу дрва и заедно ќе допринесеме кон заштитата на животната средина, изјави Филип Ивановски директор на Пакомак.
Секој може да се приклучи на оваа еко-иницијатива, и да даде поддршка на оваа акција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива