Струга, 31. октомври 2014 (ОХРИДПРЕС) – Во Струга денеска се одржа Регионална конференција на која се дискутираше за Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибраими нагласи дека овој закон предвидува многу новини кои се важни во превенцијата и спречувањето на семејното насилство.
– Се работи за закон каде што решаваме еден огромен проблем, а истовремено работиме и на јакнење на свеста кај граѓаните за препознавање на семејното насилство. Ова е еден од најтранспарентните закони којшто е донесен барем во последниот перид затоа што беше вклучена целата академска јавност. Одржавме и две јавни расправи и препораките што произлегоа од тие расправи беа вметнати во самиот текст на законот. Во овој закон имаме нов термин, а тоа е економското искористување како нов модел којшто е актуелен не само кај нас ,туку и во Европа, меѓутоа новина е што секоја е институциите си ја знае својата работа во постапување при семејното насилство. Оној којшто знае а не го пријавува семејното насилство, ќе сноси казна во висина од две до 2 и по илјади евра, истакна Ибраими.
Претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите Лилјана Поповска, рече дека во годинашниот извештај на Европската комисја, првпат е пофалена Македонија дека го зајакнала капацитетот на локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите.
– Сметам дека Законот за борба против семејното насилство е извонредно добар и е еден вид мала револуција во третманот на семејното насилство и семејството врз жените и децата. Сменет е пристапот, што значи дека наместо оној што е тепан и малтретиран да бега од дома, се отстранува насилникот. Новина е и тоа што полицијата со овој закон си презеде многу сериозни обврски и сосем други надлежности кои досега ги немаше заради што ќе треба да се направат серија обуки и едукации. Посебно ќе треба да се едуцираат и судиите, обвинителите и адвокатите затоа што сега има комплетно нов пристап врз третманот на семејното насилство, рече Поповска.
Според Афердита Имери од Македонското женско лоби, новиот Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство оди во прилог на жртвите на семејното насилство, а со тоа и врз насилството врз жените, децата и старите лица.
– Според истражувањата направени во Македонија, секоја четврта жена е жртва на семејно насилство и тука не зборуваме само за физичкото, туку и за економско, психичкото и друг вид насилство. Поголем број на јавувања и на случаи на семејно насилство не укажуваат дека се зголемува феноменто на семејно насилство, туку се зголемува пријавувањето и свеста, истакна Имери. (Крај/А.Р.)
извор: ОхридПрес фото: архива