Охрид, 27. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Советот на општина Охрид на денешната 36-та седница го донесе Деталниот урбанистички план за Мауцкер каде што е планирано да се изгради индустриска развојна зона.
Како што појасни секретарот на општина Охрид Димитар Спасески, на 17,92 хектари земјиште колку што е опфатено со овој план, се предвидени 14 парцели коишто по транспарентна законска постапка ќе бидат понудени на сите компании што се заинтересирани да инвестираат во индустриската развојна зона Мауцкер.
Според него, право да инвестираат во зоната Мауцкер ќе имаат домашни и странски компании, но од големо значење за развојот на градот, како што рече, ќе биде доколку и охридските компании пројават интерес за изградба на свои капацитети во оваа зона.
– Со тоа ќе бидеме првата општина во Република Македонија која успеала за своето, за охридското стопанство да изгради индустриска зона каде што локалните компании ќе ги прошират своите капацитети, а со тоа ќе го решат проблемот со невработеноста на многу наши сограѓани, истакна Спасески.
Четиринаесетте парцели, според општинскиот секретар, со архитектонско урбанистички проект можат да се предвидат повеќе градби во рамките на еден блок за да се остави можност инвеститорите согласно своите потреби да го испланираат просторот што ќе го купат.
На денешната седница беа усвоени и предлог одлуките за усвојување на елаборатите за проценка на штета од снежните наноси во општина Охрид на 29.декември минатата година и на записниците за проценка на настанати штети од пожар и невреме. Сопственикот на куќата на улицата „Винковачка“ која неодамна беше опожарена, како и сопственикот на куќата што се распадна на улицата „Гоце Делчев“ ќе добијат еднократна помош од општината во висина од по 240 илјади денари
Советниците ги разгледуваа и предлог-ценовниците доставени од страна на локалните јавни претпријатија. Како што беше појаснето од страна на претставниците на локалната власт, тие се однесуваат на работата на претпријатијата и локалната самоуправа.
– Интенција на општината е, градежните активности да им се даваат на јавните претпријатија кои можат да го прават тоа, со цел да може да ја одржуваат сопствената рентабилност. Како што јавните претпријатија добиваат од своите добавувачи пониски цени на тендер, така се врши корекција во ценовниците и фактурирањето кон општината се намалува, велат од општината.
Членовите на Советот, со 15 гласа за и шест против, ја усвоија и предлог-одлуката за избор на приватен партнер за изградба на административно- деловна трговска зграда која вклучува изградба на затворен пазар, со што дадоа зелено светло на градежната компанија „Илинден“ да го гради овој објект.
На денешната седница беа разгледани и повеќе прашања од областа на легализацијата на бесправно изградените објекти на територијата на општина Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес