Штип, 2. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Никола Николиќ, кој на јавноста и стана познат со аферата „Фиком“ ноќеска е пронајден обесен во затворот во Штип каде ја одлежуваше затворската казна за измама со продажба на станови.
Од МВР потврдуваат дека е пријавено дека има починато лице во затворот во Штип, околу 7 часот утринава. Екипите се на терен и во моментов се врши увид. Според нив идентитетот на починатиот затвореник сѐ уште не е познат.
Од Управата за извршување санкции за МИА утрово потврдиле дека Никола Николиќ, е најден обесен во штипскиот затвор.
Повеќе детали се најавуваат во текот на денот.
Адвокатот на Николиќ, Александар Петровски на својот фејсбук профил утринава објави дека Николиќ е пронајден мртов.
– Мојот клиент Никола Николиќ од Фиком ноќеска е пронајден обесен во КПД Штип. Наводно сам си го одзел животот, нека му е лесна земја. Не можам да ја разберам жедта за лишување од слобода на сите оние што навиваат за такво нешто.Луѓето се претворија во ѕверови, не си ја гледаат маката туку само за апсења зборуваат, напишал адвокатот.
Николиќ е затворен поради продавање исти станови од зградата во Кисела Вода на повеќе потенцијални станари. (Крај)
извор: МИА/Република фото: Република