Скопје, 02. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Утре невладината организација „Уметност на живеење Македонија“, во Скопје ќе организира креативна работилница за изработка на мартинки.
Целта на оваа работилница е оживување и продолжување на традицијата на нашите предци.
Мартинките се подаруваат во чест на Баба Марта и се носат околу рака или закачени на облека се додека расцвета првото дрво или додека не ја видите првата ластовичка или штрк. Потоа се закачува на дрво или се остава под камен со желби за здравје за себе и за своите најблиски.
Мартинките се симбол на пролетта, љубовта, плодноста и доброто здравје. Мартинките се традиционален украс од бел и црвен конец, кој се плете во вид на алка. Црвената боја ја симболизира бојата на крвта, а белата на чистотата. Со конец се изработуваат разновидни фугури во овие две бои, меѓу кои најпозната е фигурата на момче и девојче. Се вели дека подарената мартинка е знак за топло пријателство и среќа.
– Оваа древна традиција во нашите краишта била присутна уште од дамнешни времиња, но со текот на времето се растопила и полека исчезнува во маглата на минатото. Добредојде ни се сите кои сакаат да се дружат, забавуваат и ја изразат својата креативност, велат од „Уметност на живеење Македонија“.
Место на одржување е Детска градинка „Пепелашка“ во Скопје, со почеток во 18 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива