Поградец, 02. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вчера во организација на КИЦ „Култура 365“ од Охрид и под раководство на писателот и фотограф Мишо Јузмески, делегација составена од охридски културни дејци престојуваше во еднодневна посета на Албанија.
Ова е првата научна експедиција за оваа година во организација на КИЦ „Култура 365“, а како што најавуваат од центарот, ќе следуваат уште многу други во регионот на Охридското и Преспанското Езеро.
– Целта е учесниците да се запознаат со природното и културното наследство од двете страни на границата, велат од КИЦ „Култура 365“.
Поетите и писатели Тоде Илиевски, Лидија Стефаноска, Адријана Славкова и Мишо Јузмески, ги посетија градовите Поградец, Корча и Москополе – некогашната метропола на Власите, при што беа посетени најзначајните културно-историски споменици. Меѓу позначајните локалитети, ја посетија црквата „Св. Никола“ во Москополе. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Мишо Јузмески