март 3, 2015

Охрид, 3.март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Опозициските парти во Советот на општина Охрид бараат министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески да ги удостои со посета во Охрид и да им ги образложи активностите што се преземаат на атрактивните локалитети во градот.

Советниците од овие партии велат дека станува збор за локации кои се мошне значајни за градот, а кои, како што велат се раскрчмуваат од страна на општината.

-Станува збор за темели кои се археолошки наоѓалишта, значајни од културно-историски и верски аспект. Затоа бараме да се произнесе Заводот и музеј, а бараме да се произнесе и да гостува на следната седница на Советот на општина Охрид министерот за транспорт и врски, вели Дејан Блажески советник од Либерално демократската партија.

Според него, опозицијата веќе ги подготвува точките за дискусија а ќе побара Јанакиески да биде присутен во Охрид на следната седница на градскиот совет.

– Опозицијата ги подготвува точките. Сакаме да се разговара за нив затоа што тие се чувствителни теми, Плаошник, Студенчишкото блато и патеката којашто ја подготвуваат завршувајќи со градбата кај Заум на брегот од Охридското Езеро.
Имајќи предвид дека станува збор за земјиште што е и во сопственост на Локалната самоуправа и под ингеренции на централната власт, бараме министерот Јанакиески да се одважи и да дојде да присуствува на следната седница доколку ова мнозинство, овој градоначалник и овие предлагачи на точки прифатат да се дискутира, вели Блажески.

Dejan-LDP

Тој оценува дека не е важно дали се почитуваат некои законски прописи, туку најважно е да се сочува основниот изглед на Охрид.

-Доколку биде одбиен нашиот предлог и доколку не забележиме слух кај одговорните, јас како советник од ЛДП со поддршка од опозицијата ќе ги договориме формите за граѓанско дејствување со што нема да дозволиме да се расркчмува имотот на Охрид. И не е важно дали станува збор за законски или незаконски прописи, туку најважната поента е дека Охрид мора да го сочува својот основен лик и она за што во принцип граѓаните не’ избираат, додава Блажески.

Од ВМРО –Народна партија дадоа максимална поддршка на предлогот на ЛДП.

Jone_Stankoski

-На државното земјиште под Плаошник наместо станбен комплекс како што е планирано, требаше да се градат резиденцијални објекти кои ќе беа од интерес на општина Охрид. Го поддржуваме барањето на ЛДП и на колегата Блажески за средба со министерот за транспорт и врски. Очигледно е дека нешто се случува во Охрид, а најдобро е образложение за тоа да даде министерот. Имаме повеќе прашања и очекуваме да добиеме одговор, вели советникот од оваа партија Јоне Станковски.

И од најголемата опозициска партија во Охрид, СДСМ се изјаснија оти ќе ја дадат својата поддршка на барањето за средба со министерот Јанкаиески.

Jovan-SDSM

-Да, го поддржуваме барањето да дојде министерот во Охрид и да ни објасни многу работи. Има многу да се зборува. Гледате, Плаошник се продаде, да не се направи грешка и со другите вредни локации во општината, вели координаторот на СДСМ во охридскиот совет Јован Стојаноски.

Од ЛДП велат дека веќе го подготвуваат писмото со кое ќе го поканаат министерот Миле Јанакиески да дојде во Охрид. Во меѓувреме, до претседателката на Советот на општина Охрид ќе предложат како точка на дневниот ред на следната седница да биде ставено барањето на опозицијата да се дискутира за големите планови, кои според советниците, ќе го раскрчмат имотот на Охрид.

Ако не им се прифатат барањата на опозицијата, либерал-демократите најавија дека опозицијата ќе биде принудена да делува преку други граѓански форми, како што се петиции, граѓански собири и слично.(Крај)

извор:ОхридПрес фото:ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука