Охрид Хроника

Директорот на Здравствениот дом во Охрид веќе 15-ти ден е во бегство

Охрид, 4. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Полицијата се уште трага по директорот на Здравствениот дом во Охрид Митко Дабевски кој заедно со уште двајца негови соработници е осомничен за финансиски криминал тежок повеќе од 7,5 милиони денари.

Дабевски вешто се крие од полицијата веќе петнаесет дена. Од Секторот за внатрешни работи во Охрид велат дека против првоосомничениот во овој случај, директорот Дабевски, е распишана потерница, и дека полицијата презема мерки за негово пронаоѓање.

– Во тек се мерките за пронаоѓање на првоосомничениот и интензивно се трага по него, изјавија кусо од СВР Охрид.

Основното јавно обвинителство Охрид, на 18-ти минатиот месец донесе наредба за спроведување истражна постапка против Дабевски, како и против шефицата на сметководство и благајникот во Здравствениот дом во Охрид, за сторени повеќе кривични дела и тоа „проневера во службата“, „поттикнување“, „помагање“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“.

Контролите на Финансиската полиција за периодот од 2010 до 2014 година покажале дека тројцата осомничени подигале готови средства уплатени на име на партиципација од страна на пациентите со што го оштетиле Буџетот на ЈЗУ Здравствен дом Охрид за 7.565.302 денари. По извршените споредби на реализираниот промет од фискалните каси со уплатените парични средства во благајната како и уплатените парични средства на банкарската сметка на Здравствениот дом Охрид, било констатирано дека прометот извршен преку фискалниот апарат редовно се предавал во благајната, но така извршениот промет и предадените парични средства наплатени од пациентите, од страна на второпријавениот Н.К во целост не биле уплатувани на банкарската сметка на Здравствениот дом.

При контролата на сметководствената евидениција и документација на оваа јавна здравствена установа, било констатирано дека третопријавената М.В, вработена како шефица на сметководство во Здравствениот дом, за да ги прикрие трагите на криминалот што бил очигледен, само дел од финансиската документација ја евидентирала во сметководствената евиденција наустановата. Третопријавената М.В., по претходно добиена усна наредба од страна на директорот на Здравствениот дом, во континутет, започнувајќи од 2010 година изготвувала фалсификувани завршни сметки кои потоа со потпис на директорот се поднесенувани до Централниот регистар на Република Македонија.

Судија на претходна постапка во Основниот суд во Охрид, заради сериозноста на кривичното дело, можноста за влијание врз сведоци и опасноста од повторување на делото, на трите пријавени лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Шефицата на сметководство и благајникот во оваа јавна здравствена установа се во притвор. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави