Охрид/Лондон, 5. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Од 12-ти до 20-ти март охриѓанецот Дамјан Пејчиноски ќе има голема музичка турнеја, на покана и во придружба на неговиот пријател и музички колега популарниот рок – метал гитарист од Босна и Херцеговина, Емир Хот.
Во рамките на турнејата двајцата музички великани ќе настапат во градовите Лондон, Чертси и Беркшир, а ќе настапуваат во престижни локали, како La Brocca, The Rocket Acton, Thyme At The Tavern, Kings Head Cippenham.
– Повторно со мојот пријател ќе бидеме на турнеја во Британија. Ги покануваме оние кои ќе бидат во Британија во текот на март, да дојдат и да уживаат на шоу настапите кои ќе ги приредиме со акустични и електрични гитари. Ќе има инструментална музика, варијации на стилови, евтино пиво и добра забава 🙂 , вели Емир Хот, поканувајќи ги сите љубители на музиката преку неговиот фејсбук профил.
Минатиот месец, Дамјан Пејчиноски и Емир Хот настапија во Охрид, а Емир одржа и мастер час на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Познатиот гитарист од метал сцената, е познат не само во рамките на Балканот, туку и во Европа. Емир Хот е образован музичар, кој го стекнал образованието во музички училишта во Тузла и Лондон. Бил член на неколку метал-рок бендови. Издавањето на албумот „Deserted Land“ со бендот Neon Knights му донел голем број на настапи и турнеи низ Европа.
Дамјан Пејчиноски е еден од моментално најдобрите македонски гитаристи од младата генерација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Емир Хот