Охрид, 5. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Започна дистрибуцијата на помош за семејствата кои настрадаа со големите поплави предизвикани од обилните врнежи што зафатија повеќе региони во државава.
Охридскиот црвен крст активно се вклучи и одговори на апелите на Црвениот крст на Република Македонија за обезбедување неопходни средства за поплавеното население.
– Во текот на минатиот месец интензивно собиравме помош за луѓето коишто настрадаа и чии домови беа поплавени. Целата помош што ја собравме беше однесена во Црвениот крст на Република Македонија од каде започна и дистрибуцијата. Проценката, кому каква помош му треба, ја правеа Црвенот крст на РМ и Министерството за труд и социјална политика, вели претседателот на охридската организација на Црвен крст Сашо Точков.
Според проценките, 734 семејства во Македонија се евидентирани како настрадани во поплавите.
– До нив ќе бидат дистрибуирани 855 пакети со прехранбени производи, 965 пакети со средства за хигиена, 302 тони вода за пиење, 2.296 ќебиња, 40 душеци, 415 пара гумени чизми, како и 780 литри средства за дезинфекција, додава Точков.
Во големата хуманитарна акција за помош на поплавените, од телефонските броеви и преку солидарниот фонд на Црвениот крст на Република Македонија се собрани парични средства во висина од околу 12 милиони денари.
Комплетната штета ја проценуваа Министерството за труд и социјална политика, Центарот за управување со кризи и Црвениот крст, а таа изнесува околу 10 милиони денари.
Во Охрид настрадаа подруми, гаражи и приземни простории за домување на 71 семејства. Црвениот крст Охрид веднаш достави помош до најкритичните, а еден дел дополнително ќе го доставува таму каде што има потреба од тоа.
Од Центарот за јавно здравје во Охрид апелираа до поплавените да пријават доколку имаат потреба од дезинфекција на просториите каде беше навлезено поголемо количество вода, и како што велат оттаму, граѓаните покажале интерес. Досега биле дезинфицирани поплавените објекти во зградите во населбата „Далјан“. Акцијата за бесплатно дезинфицирање ќе се одвива и понатаму.
Дождот кој наврна ноќеска и во текот на денешниот ден, а според метеоролозите ќе продолжи да паѓа и утре, не се очекува да предизвика поголеми последици, смируваат од Центарот за управување со кризи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива