Охрид, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Луксузен хотел од висока категорија со пет ѕвезди ќе се гради во Охрид на местото каде се наоѓаше поранешната Специјална детска болница.
Купувач на објектите е фирма од Скопје, која на јавна аукција вчера ги купи зградите од поранешната детска болница со површина од 6.700 м2 за 11.000 денари по метар квадратен или вкупно за 1 милион и 200 илјади евра, јави порталот Охрид 1.
– Локалната самоуправа ќе се води исклучиво од долгорочните интереси на градот Охрид и неговите граѓани. Продажбата нема никогаш да се случи според тоа дали на градот Охрид му требаат пари или не доколку таа не содејствува со она што претставува долгорочна стратегија и визија за развој на Охрид. Атрактивното градежно земјиште ќе може да се продава во оној момент кога ние ја определуваме намената на тоа земјиште, а која што намена треба да биде во интерес на идниот развој на градот, велат од Општина Охрид.
Состојбата во која во моментов се наоѓаше овој објект претставува непријатна глетка за минувачите. Некогашната цврста и атрактивна градба се распаѓа. Извадени се прозорците и останатиот инвентар внатре, а не ретко, напуштената болница е повремен дом за наркомани и бездомници. По затворањето беше уништена и документацијата од работењето на оваа установа во која се лекуваа и рехабилитираа деца од цела Македонија, а претходно и од поранешна Југославија. (Крај)
извор: Охрид1 фото: архива