Охрид, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Млади луѓе, кои имаат аспирации да се посветат на математичките науки, ни’ поставуваат повисоки стандарди за вреднување на оваа наука, вели проф. д-р Алекса Малчески, претседател на Сојузот на математичари на Македонија.
Студенти од прва и втора година на природно-математичките универзитети, се дел од Математичка Олимпијада за Југоисточна Европа „Seemous 2015“, која се одржува во Охрид.
– Правилата по кои што се организира оваа олимпијада се идентични како и правилата на Меѓународната математичка олимпијада. На олимпијадата право на учество имаат студенти со завршена најмногу втора година. Натпреварот го организира Сојузот на математичари на Македонија под покровителство на MASSEE (Асоцијација на математичари на југоисточна Европа), вели за Супер радио Малчески.
На олимпијадата учествуваат 21 екипа од 18 универзитети, кои доаѓаат од 7 различни земји.9-та Математичка Олимпијада за Југоисточна Европа ќе се одржува до 8-ми март во Хотел Метропол.
– После изборот на задачите кои ги бира меѓународно жири составено од водачите на екипите и претставник од MASSEE студентите работат 5 часа. Работите на студентите подлежат на двојна проверка од жирито и координатори кои што ги назначува организаторот. Наградите во вид на златен, сребрен и бронзен медал се доделуваат според единствена ранг листа, додава Алекса Малчески.
Како што велат организаторите, олимпијада има за цел да ги охрабри талентираните студенти по математика.
Проф. д-р Алекса Малчески е исто така одговорен уредник на математичкото списание „Сигма“, кое го издава Сојузот на математичари на Македонија, а главен и одговорен уредник е неговиот брат проф. д-р Ристо Малчески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива