март 7, 2015

Скопје, 7. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – „Кога говориме за процесот на вреднување на воспитно – образовната работа, треба да имаме предвид дека вреднувањето во себе обединува цел еден систем на следење, проверување, мерење и оценување на предметот на вреднување, пишува Биљана Димковска од Наставничкиот пленум на официјалниот блог на пленумот.

Димовска продолжува со анализа на процесот на следење, проверување, мерење, оценување и вреднување во врска на екстерното оценување на учениците.

– Следењето е континуиран процес од низа разновидни активности (набљудување, надзирање, снимање) што ги изведува наставникот или некој друг, при што прибира, бележи и обработува податоци и други информации во врска со активностите и резултатите на учесниците во вопитно – образовниот процес.Оттука произлегува важноста на процесот на следење кој е постојан, континуиран и непрекинат и тој претставува основа за градење реална слика за одредени состојби (зависно од предметот на вреднување). Во секојдневната училишна пракса, низ разни форми (евиденциски листи, белешки, водење досие) се следи работата на предметот на следење (ученик, наставник, педагог, психолог, директор) за на крај да може да се вреднува неговата работа и постигања. Проверувањето претставува верификација на постигнатото. Со него се проверува присутноста, точноста, исправноста, степенот на изразеност на одделни постигања, смета Димовска.

Според професорката, проверувањето може да се однесува на постигнувањата на учениците, работата на наставниот кадар, на стручните служби, како и начинот на раководење со училиштето.

– Оценката би требало да претставува некаков суд, крајно мислење за постигањата на ученикот, но во сите сфери: когнитивната (усвоените знаења, умеења, вештини), афективната (емоциите), психофизичката, здравствената, социјалната. Праксата најчесто говори дека акцент се става на усвоените знаења, а многу помалку внимание се посветува на останатите елементи кои го чинат оценувањето целосно и комплетно. Секако, оценувањето е предмет на анализа само за себе и отвора бројни дилеми за тоа дали е пополезно описното или нумеричкото оценување, дали е поцелеисходно надворешното (екстерно) или интерното, дали оценката е резултат само на постигнатите знаења или е сфатена многу пошироко: како резултат на знаењата, вештините, умеењата, интересите, заложбите, ставовите, навиките, однесувањето… Но, оценувањето може да се однесува и на сите останати чинители на воспитно – образовниот процес, работата на наставниците, стручните служби, управата, училишната клима и.т.н. Целта на вреднувањето е да се обезбедат релевантни податоци кои ќе го покажат степенот на напредување на учениците во поглед на остварување на целите на наставата, додава меѓу другото Димовска. (Крај)

извор: fakulteti фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука