Охрид, 23. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Најавата за изградба на пристаниште или марина на старото разурнато пристаниште пред хотел „Палас“ не е ништо ново, но за тој потег пред неколку години е направен проект за подигнување на крстилница, вели адвокатот Владо Чингоски во својот текст во рамките на проектот „046 – За Охрид се зборува“ на OhridPress со цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми.
– Не е ништо ново. Но ново е што, повторно, од никого нема ни позитивна ни негативна реакција. СДСМ ова го премолча, наверојатно заради зафатеноста со планирање на понатамошното дејствување и инструктажи, иако за овој простор уште пред повеќе од 6 години е направен проект за изградба на крстилница на тој простор и тоа со донација од Украина. Направен е и целосен проект, кој сигурно може да се види во општина, вели Чингоски.
Според него, причина за нереализираниот проект најверојатно е отпорот поради тоа што на столбовите имало ангели кои биле ознака за унијатство, а не на православието.
– Која беше причината што не се изгради не сум сигурен, но се јави отпор за тој проект, дека донираните столбови на кои имало ангели биле ознака на унијатство, не на православие, и сум на мислење дека најповеќе заради тоа, овој проект и донација не се реализира. За други причини, не знам, освен ако министерствата не и дале дозвола на локалната, но локалната нема ингеренции за езерото, додава Чингоски.
Тој во проектот „046 За Охрид се зборува“ реагира и на големите туристичките објекти кои не се исправени, туку пропаѓаат под забот на времето, како што се хотелите „Палас“ и „ПТТ“.
– Хотелот „Палас“, гордоста на Охрид и Македонија, сега во жална состојба.Добро би било, да се размисли,што со него. Државата промовира, слободни туристички зони, на кои им се нудат атрактивни локации по 1 евро м2, па субвенции и не знам што уште не. Зошто, ако веќе им даваме на Субратовци и кои уште не странски инвеститори, не им дадеме и на сопствениците на овој некогаш репрезентативен објект, субвенции да го реновираат и пуштат во употреба. Може да се најдат илјада облици за соработка и од тоа да има корист и сопствениците и државата и општината, а потребна е само волја.Тука е и поранешниот хотел „ПТТ“, оставен како руина, на атрактивна локација. Продаваме за без пари земјиште, а ги оставаме најатрактивните изградени локации да пропаѓаат, вели Чингоски.
Според него, сличен е случајот и со слободните индустриски зони кои, како што вели, можат да функционираат во веќе изградени инфатруктурни објекти кои зјаат празни во Охрид.
„046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress кој има цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација. Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.
Супер радио/046