Охрид, 4. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Сосема очекувано, по острата реакција на локалните жители на Лагадин и Охрид ЅОЅ, институцијата која го одобрила градењето на хотелот во Лагадин, Општина Охрид, соопшти дека постапката за одобрение за изградба била законска, а за истиот биле обезбедени сите потребни документи“, реагираат активистите на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ.
Оттаму објаснуваат дека ниту еден од документите не е достапен за јавноста, ниту нацрт-планот на самиот хотел.
– Ниту документите, особено елаборатот за заштита на животната средина, жалбите на Лагадинци се игнорирани, исто како што биле игнорирани и нивните барања за увид во планската документација за ова населено место. Сето ова е законска обврска на општината, да дозволи увид на јавноста, односно пристап до информации од јавен карактер, а според Архуската конвенција и пристап до информации за животната средина и учество на јавноста во донесување на одлуки. Спротивно на овие начела, градбата е внесена со Општиот акт за село Лагадин кој е донесен без јавна консултација, за самата локација постојат и неразрешени имотно-правни односи, т.е. парцели со незапишани права како што стои и во самото соопштение објавено на страницата на општината, а соседите воопшто не добиле писмено известување што им следува по закон, посочуваат од Охрид SOS.
Жителите на Лагадин иницираа електронска петиција за поништување на незаконското одобрение за градба, а најавуваат и формирање на граѓанско здружение. Од од Охрид SOS со објаснување дека „иако петицијата формално нема правна сила во македонското законодавство, сепак останува механизам за притисок врз институциите кој јасно и недвосмислено ја одразува желбата на граѓаните за уживање на нивните права кои им следуваат по закон, а кои исто така ќе се борат да си ги добијат и преку формата „здружение на граѓани“.“
– Она што е мошне загрижувачки е што изградбата на овој хотел е одобрена во заштитениот појас на езерото, односно на растојание помало од 50 метри од брегот каде што според Законот за води е забранета градба или реконструкција на објекти од траен карактер. Дали Министерството за животна средина дало зелено светло за градба во заштитениот појас, кога истото даваше негативно мислење за бесправно изградените објекти кои се легализираа во 2015 г.? Потсетуваме дека тогаш Министерството се противеше на легализација на дивоградби кои беа наменети за индивидуално домување, а во овој случај се работи за комерцијална градба. Големината на хотелот се наведува како податок кој треба по принципот на аналогија да ја утеши јавноста, со оглед дека хотел со 11 апартмани и 6 соби никако не би можел да има штетно влијание. Но, при тоа се забораваат два клучни момента: постоечкиот проблем со колекторскиот систем, особено во Лагадин, каде што истекувањето на фекалии во езерото стана препознатлив летен мотив. Дури и самиот градоначалник на Охрид отиде до седиштето на УНЕСКО во Париз да бара помош за овој проблем. По истиот принцип на аналогија, секоја изградба на нови објекти од комерцијален карактер ќе биде само дополнително оптоварување на и онака дисфункционалниот колекторски систем; и Кумулативниот ефект од преголема урбанизација. Хотелот во Лагадин можеби е капка, но само една капка е и доволна да се прелее чашата. Секој градежен проект само придонесува кон сè поголемиот притисок врз природата и кумулативното негативно влијание е поголемо од простиот збир на сите проекти поединечно. Да се занемари ова, значи да се нема способност за визионерско размислување и планирање што е задолжително за демократски општества кои барем декларативно се залагаат за одржлив развој, децидни се од Охрид SOS.
Активистите предупредуваат дека се прекршените закони и поврзани акти со незаконски издаденото одобрение за градба: Прекршување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион (чл. 9, чл. 17 став 1, чл. 23 став 2); Прекршување на Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро; Прекршување на Законот за животна средина; Прекршување на Законот за заштита на природата; Прекршување на Законот за води (чл. 131 став 1 алинеи 4, 5 и 7); Прекршување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (чл. 33 и чл. 35)и Прекршување на Правилникот за начинот на спроведување на постапката за добивање на одобрение за градење на електронски начин (чл. 8).
Во меѓувреме истекува и рокот до 1. февруари зададен од УНЕСКО за спроведување на препораките од страна на државните институции и локалната самоуправа. Препораките следеа по заклучоците кои беа донесени на последната, четириесетта по ред, седница на УНЕСКО во јули 2016 г., а се однесуваа на многуте градежни проекти на брегот на Охридско Езеро и Националниот парк Галичица.
– Една од нив конкретно се однесува на Општина Охрид, која до 10. декември требаше да изготви сеопфатен акциски план за крајбрежјето, за да се обезбедат насоки за видот и степенот на потенцијалниот развој на регионот под УНЕСКО, а почитувајќи ги својствата на исклучителната универзална вредност на доброто. За екологијата на Охридското Езеро е неопходно да се слушаат светските и домашни научници кои своето реноме го должат токму на истражувањата на ова езеро. Според д-р Томас Вилке мултипликативниот ефект од огромното човечко влијание „во голема мера го загрозува“ Охридското Езеро и веројатно веќе придонело да ја достигне ако не и да ја надмине точката од која нема враќање. Д-р Вилке заедно со д-р Кристијан Албрехт, уште еден научник со истражувачко портфолио токму за македонското најголемо богатство, јавно повикаа на мораториум на сите развојни проекти на брегот на езерото. Препорака која секоја одбрана на „нештетни“ градежни проекти ја дисквалификува, зашто е застарена и не се потпира на научни факти. Освен што е неуко, и предоцна е да браниме градежни проекти. Полето на натпревар во светот е заштитата на природното богатство и унапредувањето на живеењето преку одржлив развој, додаваат од Охрид SOS.
Правниот тим на Охрид ЅОЅ поднесе претставка до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и до Инспекцискиот совет на РМ во која бараме итно прекинување на градежните активности и иницирање на процес за поништување на незаконски издаденото одобрение за градба на хотел.
– Дополнително, поради континуираното работење на општ. Охрид во целосна спротивност на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион што резултираше со одлуката од 40. седница на УНЕСКО во Истанбул, бараме ДИЖС да постапи во согласност со член 41 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и да ја одземе надлежноста за управување со светското наследство во охридскиот регион од Општина Охрид. Ја повикуваме Општина Охрид самата да ги сопре градежните работи додека не се разрешат спорните прашања, да овозможи увид во документацијата и процес на јавна консултација. Исто така ја повикуваме, наместо непотребно да се конфронтира со граѓаните и да демонстрира однос на авторитаристички сопственик на нивните права, да се стави во фунција на заштита на интересите на сите, па и на идните генерации, да стане предводник во заштитата на Езерото и светски пример за тоа како се управува и негува ова бесценето природно богатство, повикуваат активистите на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охрид ЅОЅ