јануари 4, 2017

Скопје/Охрид, 4. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – ТАВ Аеродроми го назначи Зоран Крстевски како член на Бордот на директори на ТАВ Македонија, додека Алп Ер Тунга Ерсој е назначен за нов генерален директор на компанијата која управува со двата македонски аеродроми – скопскиот Александар Велики и охридскиот Свети Апостол Павле.

Алп Ер Тунга Ерсој, од влегувањето на ТАВ Аеродроми на македонскиот пазар досега беше заменик-генерален директор на ТАВ Македонија. Ерсој има над 17 годишно искуство во авијацијата, а во ТАВ Аеродроми работи од 1999, на повеќе различни позиции. Од септември 2008 година, досега, беше заменик-генерален директор за операции на ТАВ Македонија.

alp-er-tunga-ersoj

– Би сакал да се заблагодарам на ТАВ Аеродроми за новата позиција на генерален директор на ТАВ Македонија и на Зоран Крстевски за неговиот ценет менаџерски придонес во развојот на македонските аеродроми што го постигнавме досега. Соработувавме многу блиску и ќе продолжима да соработуваме многу блиску и во иднина, имајќи ја предвид неговата нова позиција и нашата визија да ги направиме македонските аеродроми главни центри за авиосообраќај во регионот, обезбедувајќи разновидни услуги, привлечни не само за македонските граѓани туку и за патниците од соседните земји, вели Алп Ер Тунга Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

ТАВ Македонија ги заврши првите 11 месеци од 2016 година со 16 отсто пораст на бројот на патниците, достигнувајќи вкупно 1.661.010 патници. Во истиот период, од јануари до ноември, бројот на летови се зголеми за 10 проценти.

Во 2016, третпат изминативе пет години, скопскиот аеродром ја доби наградата ASQ (Airport Service Quality) од организацијата ACI (Airports Council International), односно беше прогласен за најдобар аеродром во Европа, во поглед на квалитетот на аеродромските услуги, во категоријата на аеродроми под два милиони патници. Како награда што е резултат на независните истражувања што ACI ги прави на аеродромите низ целиот свет мерејќи го задоволството на патниците во различни категории, ова признание од ACI е навистина значаен доказ дека во последните седум години ТАВ Македонија успеа да ги подобри услугите што се нудат во терминалната зграда на аеродромот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ТАВ Македонија

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука