Охрид, 8. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Изградбата на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновце – Штип, што се градат со кинески кредит, нема да заврши навреме, констатира Државиот завод за ревизија, откако е направен увид во докуменацијата за текот на градежните работи, но и во делот на финансиите.
Според добиените извештаи од надзорот наведено е дека, изградбата на автопатиштата се одвива со бавно темпо, односно има доцнење како во делот на градежните работи, така во делот на финансиската реализација, во однос на она што е планирано и договорено, посочуваат државните ревизори, јави порталот Фактор.мк.
– Со извршената споредба на планот за повлекување на средствата од ЈП за државни патишта, доставен до Кинеската банка, за двата проекти за изградба на автопатиштата, по датуми и износи, од почетокот на април до крајниот рок април 2017 година за Миладиновце – Штип и крајниот рок февруари 2018 година за Кичево – Охрид, и реалното повлекување на средствата на база на времени ситуации, може да се констаира дека постои значително отстапување, кое укажува дека изградбата на автопатотот не се одвива согласно планот, односо има задоцнување поради што изградбата на двете делници нема да се реализира во предвидениот рок, се вели во ревизорскиот извештај.
Ревизорите констатираат дека ќе доцни и изградбата на автопатот Кичево – Охрид, што според договорот треба да биде завршен на 29-ти јануари 2018 година.
– Согласно досегашната динамика на градење и реалната финансиска реализација која е околу 19% од вкупната вредност на договорот, постои можност изведувачот да не го запази договорениот рок за завршување на проектот со оглед дека аклучно со март 2016 година поминати се 23 месеци, а остануваат уште 22 месеци, се наведува во ревизорскиот извештај.
При изградбата се јавиле повеќе проблеми.
– Голем број на неусогласености помеѓу проектната документација и состојбата на терен што предизвикува големи корекции во истата, е само еден од проблемите со кој се соочува изгрдбата на овој автопат.
Освен што ќе доцни изградбата на двата автопати, ревизорите обелоденија дека досега се платени 17 милиони евра повеќе за негативни курсни разлики, врз основа на начинот на кој бил склучен договорот со Кинеската банка, а од друга страна ЈП за државни патиштата овие негативни курсни разлики ги прикажувала како трошок, а не како вредност на инвестицијата. Кинескиот кредит со кој се градат автопатиштата е во износ од 580 милиони евра.
Но, земањето на кинеските кредити наиде на реакции во јавноста од самиот старт, бидејќи се сметаше дека нема соодвтена контрола за тоа колку на крајот ќе чини изградбата на овие автопати, а дополнително на терен се ангажирани кинески фирми, се носат и кинески материјали, што пак сега со ревизорскиот извештај само ги подгрева отворените сомнежи. Исто така изградбата на овие два автопати со кинески кредити е и под лупа на Специјалното јавно обвинителство, кое отвори постапка, по еден од телефонските разговори што ги објави опозицијата, а од кој, според СДСМ, се слуша како поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, договараат провизија. (Крај)
извор: faktor.mk фото: telegraf.mk