Скопје, 10. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, ја објави книгата „Македонија – живот и предели“ од група германски автори, во превод од германски јазик на Слободанка Поповска, а со предговор за германската македонистика пред, за време и по Првата светска војна на проф. д-р Волф Ошлис.
Оваа книга содржи текстови за Македонија од германски автори кои неа ја истражувале за време на Првата светска војна или по разни поводи потоа пишувале за Македонија. Трудовите се однесуваат на сите предели во Македонија и на нејзиното население, обичаите, етнографијата, земјата, историјата…
Во овој зборник, меѓу другото, делумно е објавена „Етнографија на Македонија“ (1924) на Густав Вајганд (1860-1930, раководител на Македонската земска комисија) и дел од зборникот „Македонија – животот и сликата на пределот“, подготвен од Херберт Ертел, а од кој, освен негов текст, преземени се текстови на Герхард Геземан, Јозеф Берге, Јозеф Мерц, Алојз Шмаус и Ханс Ерке.
Во книгата се објавени и 137 фотографии од германски војници или истражувачи, снимени во Македонија за време на Правата светска војна и во периодот меѓу двете светски војни.
Како резултат на германските проучувања на Македонија во минатото, а првенствено во периодот на Првата светска војна, кога со логистичка поддршка на германската војска на територијата на Македонија истражувала групата германски научници позната како „Македонска земска комисија“, по војната во Германија се објавени неколку публикации посветени на Македонија. Некои од нив спаѓаат меѓу најзначајните научни публикации за Македонија до тој период, а книгата на Леонард Шулце Јена „Македонија – предел и култура на живеење“ (која содржи близу 150 фотографии, графикони и карти, меѓу кои и голема карта на која Леонард Шулце Јена ги утврдил границите на Македонија), првпат објавена на германски јазик во 1927 година, може да се смета за првата научна монографија за Македонија. Друга значајна научна публикација од германски автор е книгата на Франц Дофлајн, со наслов „Македонија“ (која е исто така обемна и содржи и 296 фотографии, цртежи и карти), објавена во Германија во 1921 година. Книгата на Дофлајн првпат на македонски јазик е објавена дури во 2010 година (во издание на „Македонска реч“), а на Шулце Јена во 2013 година (во издание на „Македоника литера“). По книгите на Дофлајн, Шулце – Јена, како и „Правната положба на Македонците во Југославија“ на Карл Штруп (кој не бил член на комисијата, но во тој период го истражувал македонското прашање), која на македонски јазик е објавена во 2014 година (издание на „Македоника литера“), оваа книга – „Македонија (живот и предели)“ е четвртата по ред од таа „германска“ едиција на трудови за Македонија создавани во првите децении на ХХ век што се објавува на македонски јазик. Има уште десетина трудови во кои се објавени резултатите од проучувањето на Македонија, но по обем се помали од книгите на Дофлајн и Шулце Јена. Во некои идни изданија, уште во неколку книги, „Македоника“ планира да ги публикува текстовите, односно книгите за воените дејства и мирот во Македонија, воените дневници, записи и спомени на германски војници, како и патописи за Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива