јануари 11, 2017

Скопје/Гронинген, 11. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Најпрестижниот европски фестивал и конференција, Еуросоник Нордерслаг (Eurosonic Noorderslag) годинава ќе се одржи од 11-ти до 14-ти јануари во Гронинген, Холандија каде што како претставници од Македонија гостуваат еден од најдобрите домашни бендови Бернајс Пропаганда и најголемиот музички фестивал во Македонија, Таксират.

Да се биде избран како претставник на Еуросоник Нордерслаг е потврда и препознавање на исклучителниот квалитет и талент, а докажаниот македонскиот пост панк бенд Бернајс Пропаганда ќе се претстави пред европската публика со два настапи на 12-ти и 13-ти јануари.

Бернајс Пропаганда годинава воедно прославува 10 години од својот прв настап, а покрај настапите во Холандија овој јубилеј групата го одбележува и со објавување на live албум и концерти во Скопје кои ќе се одржат на 17-ти и 18-ти февруари во МКЦ.

Минатата година, Македонија беше една од фокус земјите на фестивалот, благодарение на ангажманот на Таксират фестивал во рамки на „ЦЕЕТЕП“ програмата, а на претходните изданија на холандскиот фестивал чест да ја претстават македонската музичка сцена со свој настап во живо имаа Кирил Џајковски и групата Џун.

Покрај изборот на Бернајс Пропаганда како претставник на Еуросоник Нордерслаг и македонскиот најголем музички фестивал Таксират. ќе биде дел од најзначајната конференција и шоукејс фестивал за европска музика како еден од 10-те најдобри фестивали во Европа во категоријата „Best Indoor Festival“.

Кон крајот на 2016-та година Таксират. Фестивал беше изгласан од страна на милионската фестивалска публика за еден од најдобрите фестивали во рамки на European Festival Awards, најзначајното меѓународно фестивалско признание кое се одржува во рамки на Еуросоник Нордерслаг. Добитниците на наградите ќе бидат презентирани на свечената церемонија која ќе се одржи на 11-ти јануари во Гронинген, Холандија.

Овие награди се доделуваат од 2009 година, а Таксират фестивал 8 години по ред се закитува со номинација во две категории „Best Indoor Festival“ и „Best Small Festival“. Минатата година, повеќе од 1.2 милиони фестивалски посетители гласаа за најдобрите фестивали, а вкупно учествуваа повеќе од 350 фестивали од 35 земји во Европа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука