Охрид/Скопје, 11. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Преку двата македонски аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид во 2016 година патувале 1.8 милиони патници, соопштуваат од „ТАВ Македонија“, сумирајќи ги податоците за авиосообраќајот за изминатата година.
– Вкупно 1.794.376 патници патуваa преку двата македонски аеродрома во 2016, што е зголемување од 15 проценти споредено со 2015 година, кога имавме 1.560.381 патник. Истовремено, бројот на операции порасна за 8,9 отсто, достигнувајќи вкупно 16.883 летови. Задоволни сме што успеавме да постигнеме двоцифрено зголемување на бројот на патници на годишно ниво, кое е повисоко од просекот на ЕУ и од просекот во регионот. И во 2017 година ќе продолжиме во таа насока, фокусирајќи ги нашите главни цели на проширување на мрежата на линии од аеродромите во Скопје и во Охрид, соработувајќи со Владата, со сите засегнати институции надлежни за воздухопловство и со авиокомпаниите, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Според податоците за патничкиот сообраќај, Истанбул (со двата аеродрома „Ататурк“ и „Сабиха Гокчен“) е најфреквентната дестинација од Аеродромот „Александар Велики“ – Скопје во 2016, со 12,6% пазарен удел, потоа следат Цирих со 10,2%, Виена – 6,3%, Базел – 5%, Малме – 4,8% и Лондон со 4,3% удел на пазарот.
Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Wizz Air има превезено најголем број од патниците со 54,8% пазарен удел, а потоа следат Turkish Airlines, Austrian Airlines, Germania Flug, Pegasus Airlines и Edelweiss.
Најфреквентниот ден на скопскиот аеродром во 2016 година беше 12. август, кога преку скопскиот аеродром патуваа 5.641 патник, додека вкупниот број на движења на воздухоплови беше 50, а потоа и 21. јули кога вкупно 5.604 патници беа превезени за еден ден со вкупно 51 движење на воздухоплови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива