јануари 12, 2017

Скопје, 12. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве кога температурите во одредени делови во Македонија достигнуваа и до -28 степени Целзиусови, на удар особено беа бездомниците кои тешко ги издржуваат поларните температури.

Досега, студот и екстремно ниските температури одземаа три животи во Скопје, Струмица и Пехчево.

Деновиве 66-годишно лице било пронајдено мртво во семејната куќа во охридското село Лескоец, за кого се претпоставува дека настрадал од големиот студ.

Пунктот за бездомници на Црвениот крст работи деноноќно, а граѓанските организации и граѓан(к)ите самоиницијативно се организираат.

Од Црвениот крст на град Скопје велат дека дневно примаат по десетина пријави на граѓани. Дел од нив се сместени во просториите на прифатниот центар во Момин Поток, а на дел од нив, бидејќи одбиле да бидат сместени таму, им се однесени ќебиња, храна и топла облека.

Граѓаните реагираат и на социјалните мрежи, повикувајќи ги државните институции да излезат на терен и да им помогнат на овие луѓе.

Социјалниот центар „Дуња“ на својата Фејсбук страница објави отворен апел за помош и вдомување на бездомници, истовремено нудејќи сместување за луѓето кои немаат каде да се засолнат од поларните температури. (Крај)

извор: Цивил/Репортер фото: Репортер

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука