јануари 16, 2017

Охрид, 16. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во продукција на Народниот театар од Охрид и Театарот „Ici et la“ од Париз, Франција, во четврток на 19 јануари во 20:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид, ќе се одржи премиера на драмската презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.

Denicija Poster

Подготвуван последните две години како поетско-театарски сон што ја пласира „Дениција“ во основата на македонскиот духовен идентитет во европски и светски рамки, нејзината праизведба во Македонија се совпаѓа со десетгодишнината од смртта на акедмик Петре М. Андреевски (1934-2006).

Проектот е во режија на Константин Плевнеш, кој е воедно автор на оригиналната музика. Во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција, младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија, Саша Ефтимова од МОБ.

denicija2

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Марија Пупучевска, видео-арт Милчо Узунов, додека уметнички советник е Флориан Габер. Во рамките на претставата користени се и 5 слики на Сергеј Андреевски на тема „Дениција“.

Претставата е во копродукција со парискиот театар „Ici et la“, додека поезијата на Петре М. Андреевски е преведена на француски јазик, со што е предвиден настап и во повеќе европски метрополи.

Картите се во продажба на билетарата на Центарот за култура по цена од 200 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука