јануари 17, 2017

Охрид, 17. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Љубомир Гајдов, кој е еден од предавачите на петтата Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2017“ во Охрид, се осврна на популарните светски политички текови и претпоставките за рефлектирањето на надворешната политика на САД.

– Неочекуваната победа на новиот американски претседател Доналд Трамп, има надеж да направи нов светски поредок, бидејќи има сигнали до рускиот претседател Владимир Путин, дека би сакал со него да има деловен продукт. Но, она што повеќе загрижува, е тоа што тој со својата реторика се заканува на Кина, издвојува Гајдов. Најголема сензација беше што Трамп рече дека НАТО е застарен сојуз, а тоа го докажал што не успеал да се справи со тероризмот. Во Македонија има една пропаганда, каде се смета дека било добро што победил Трамп. Во Македонија, партиите сите пари ги дадоа во фондот на Клинтон, според тоа ништо не можат да очекуваат од Трамп. Америка има своја стратегија, а тоа е да одржи доминација на Балканот, а да не и се мешаат Кина и Русија, објаснува Гајдов.

Македонија е добар пример на мултикултурно општество, во поглед на политиката, религијата, етничките заедници и другите сфери, смета проф. Д-р Кублај Акман, социолог, професор на Селџук Универзитетот од Конија (Република Турција), кој деновиве во Охрид учествува на петтата Меѓународна конференција „Охрид – Водици 2017“.

SDC15732

Како што објаснува тој, историски гледано, во Македонија и во делот на Балканот поминувале низ вековите различни цивилизации и живееле заедно.

– Во ова мирно подрачје, екстремниот исламизам, како и тероризмот претставува сериозен проблем и нивното ширење е проблем повторно. Сите земји на Балканот, но и сите земји во регионов, вклучувајќи ја Македонија, Босна и Херцеговина, Турција, но и другите, треба да бидат обединети против тероризмот и да ја бранат демократијата. Традиционалниот дискурс на христијанството, исламот, па ако сакате и јудеизмот кај еврејската нација, односно ниту една религија, не содржи во себе порака на ширење на насилство, дополнува проф. Д-р Кублај Акман.

Во врска со случувањата во Турција, вели дека како нација биле запрепастени и биле сведоци на тероризмот против демократијата. Вели дека оваа штетна покава не е предвидлива каде може да ескалира.

– Тероризмот – тоа е многу штетно и разорно за секоја нација. Ова е главна порака на сите луѓе, не само мој личен став. Мора да се брани демократијата, таа е единствениот избор. Тероризмот е глобален проблем, па никој не може да оцени каде ќе се прошири. Секоја земја е под закана, кажа проф. Д-р Кублај Акман. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука