Скопје, 17. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Славчо Мирчевски (скок во делечина) од АК „Охрид“ и олимпијката од Рио 2016-та, Дрита Ислами (400 метри со пречки), членка на Атлетскиот клуб (АК) Куманово, државни рекордери во своите дисциплини, се прогласени за најдобри атлетичари на Македонија за 2016 година.
Наградите им беа доделени на денешната пригодна свеченост што ја приреди Атлетската федерација на Македонија (АМС), која годинава слави седум децении од формирањето.
Во младинска конкуреција признанијата за најдобри во 2016-та ги добија Мартина Мировска (Охрид) и Дарио Ивановски (Работнички), а за помлади младинци, Бесијана Мустафа (Лирија) и Милан Вељковиќ (Куманово). Во пионерска конкуренција најдобри беа Јана Митовска (Работнички) и Иван Тимчевски (Куманово), а во категоријата помлади пионери, Гала Урдаревска и Владимир Битољану, двајцата од Работнички.
Признанија за животно дело ги добија Симеон Георгиев и Милош Буцевски. За најуспешни тренери беа прогласени Влатко Димитров (Охрид), поединечно и Филип Колевски (Куманово), екипно. Признанија за придонес во развојот на атлетиката во Македонија добија Агенцијата за млади и спорт (АМС), Македонскиот олимписки комитет (МОК) и градот Скопје. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија