Охрид, 18. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.
Денес традиционално Градончалникот на општина Охрид-Локалната самоуправа обезбеди и во соработка со Црвен крст Охрид ќе подели 50 хуманитарни пакети со прехранбени производи и средства за хигиена на 50 социјално загрозени семејства од Охрид.
Вечерва од 19-23 часот на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да скокаат по крстот.
– Апелираме и препорачуваме до скокачите по крстот да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 6.5 степени, велат од Црвен крст.
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2017“ под мотото „Имаш 5 минути? Дарувај крв, спаси нечиј живот“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира утре од 9 до 14 часот во Студентскиот дом „Никола Карев“.
– Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот во соработка со Општина Охрид, Зегин и Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци. За настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид утре Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 5 тимови на спасители на вода, распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 5 нуркачки тимови, како и со 8 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со 2 медицински тима на Итната медицинска помош со две амбулантски возила. Под надзор на спасители и медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе бидат и скокачите по крстот во с. Пештан и во Св.Наум, додаваат од Црвек крст Охрид.
На денот на рибарите на 20-ти јануари, петок, тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.
Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел со повеќе препораки:. Со оглед на исклучително ниската температура на водата во Охридското Езеро и минусната температура на воздухот која се најавува до -3 степени, од организацијата повикуваат на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе се одлучат да влезат во водите на Охридското Езеро. На верниците им се препорачува да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем. Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат многу кратко. Исто така да не се конзумира алкохол пред влегување во вода, а да се конзумираат топли безалкохолни напитоци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива