Охрид, 18. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пастрмката за жал, ја има сè помалку и помалку, а благодарение на вештачкиот мрест, таа полека се обновува, смета Милутин Секулоски од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, кој заедно со неговиот тим на нуркачи, дошле до овие сознанија директно на терен, преку нивните акции.
Од „Амфора“ додаваат дека е пожелно да се прогласи мораториум за неколку години, за да се врати популацијата на оваа риба.
– Мислам дека не е доволно само вештачкиот мрест. Мислам дека можеби треба да се прогласи мораториум за неколку години, за да се врати онаа популација на пастрмката која беше пред 10 или 15 години. За време на мрест пастрмката е многу смирена. Професионалните луѓе нуркачи, кои ја познаваат таа работа, знаат дека за да се доближат до неа, треба на кратко и да се престане со дишење, затоа што, пастрмката чувствува кога нуркачот дише, тогаш се плаши и бега, потврдува Секулоски.
Синоќа во Охрид беше прикажан документарниот филм на „Амфора“ – „Танцот на пастрмките“ во рамките на пропратните активности за празникот Богојавление – Водици.
Филмот се снимал пет години, исклучиво во зимска сезона, во месеците декември, јануари и февруари. Нуркачите направиле материјал од 50 часа, конципиран во употреблив материјал за филм од 28 минути, а биле реализирани повеќе од 100-на нуркања.
– Нуркањата беа на длабочина од 2 до 15 метри. Некогаш требаше да се нурка и до 40 метри, но за да се реализира целиот овој проект, имавме доста проблеми со планктон, кој го има во големи количини. Некогаш влегувавме ноќе, се случуваше често пати да има многу матни води, да има и струења, но сепак се надевам дека направивме добар филм, додаде Секулоски.
Синоќа, исто така во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид, покрај прикажувањето на филмот, беа изложени и подводни фотографии, а изложбата беше од хуманитарен карактер. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес