Охрид, 20. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – По шести пат годинава традиционално за Денот на рибарите во Охрид се приготвуваше рибна чорба.
Вкупната количина од 1.500 литри рибна чорба, или околу 6.000 порции се делеше денес на месноста Сараиште. Предходно охриѓани и посетителите од повеќе градови од државава, но и странски туристи наздравуваа со топла ракија и вино, кои се послужуваа на поставените штандови.
Десет ученици од Средното Угостителско Туристичко училиште „Ванчо Питошески“ ја приготвуваа чорбата, под менторство на седум професори по стручни предмети. Состојките за чорбата се околу 1.100 литри вода, околу 400 килограми риба, зеленчук, со додатоци и зачини.
– Подготовките започнаа еден ден предходно, каде што се сечкаше зеленчукот, рибата се вареше и се чистеше од коски и кожа. Ги подготвувавме и состојките на запршката, за тоа што условите не нѝ дозволуваат тука на лице место да се готви сѐ. Овде само ја составуваме. Чорбата ја приготвуваме според еден од многу рецепти за вакво јадење. Имаме околу 280 килограми риба лосос и околу 100 килограми ослич, објаснува професорот Блаже Јорданоски, кој предава стручни предмети во училиштето.
Професорот Јорданоски додава дека секоја година чорбата се троши до крај. Во минатите години кога се правеа поголеми количини и кога охриѓани се натпреваруваа за Гинисовата книга на рекорди, останувало чорба во помали количини.
За време на настанот, со староградска музика, посетителите ги забавуваа членовите на Ансамбл „Билјана Јуниор“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес