јануари 22, 2017

Охрид/Скопје, 22. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во издание на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје излегоа од печат две нови книги посветени на поезијата за деца и млади кај нас.

Во Антологијата на најсовремената македонска поезија за деца и млади со заеднички наслов „Тоа сум јас“ се опфатени песни на охридскиот поет Тоде Илиевски.

Покрај него, се објавени и песни на: Љубомир Грбевски, Киро Донев, Љубинка Донева, Велко Неделковски, Трајче Кацаров, Александар Кујунџиски, Ели Маказлиева, Панде Манојлов, Билјана Станковска, Ванчо Полазаревски, Наум Попески, Христо Петрески, Александар Поповски, Виолета Танчева – Златева, Стојан Тарапуза и Васил Тоциновски.

antologijadeca

Сите автори се застапени со по пет свои најнови песни, а во книгата покрај песните се објавени и голем број илустрации.

Антологијата „Тоа сум јас“ и изборот „Нови штурци“ ги подготви проф. д-р Христо Петрески, со цел да се издвои и публикува најновото и најсовременото македонско творештво за деца и млади создадено од веќе афирмираните и етаблирани автори, но и да се анимираат и воведуваат и нови автори кои ќе создаваат актуелно и современо творештво во духот на новото време. На овој начин, намерата на подготвувачот и издавачот е да се создаваат творби со нови теми и мотиви, но и да се поттикнат и стимулираат и младите читатели.

Двете најнови изданија на „Македонија презент“ за деца и млади наскоро ќе бидат промовирани на Зимскиот саем на книгата во Скопје. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука