Охрид, 24. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид од денес ќе го добие петтиот по ред почесен конзулат, со што му се доближува на првиот конзулски град во земјава – Битола.
Официјалната церемонија ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 12:30 часот. Предвидено е да се обрати Istvan Ijgyarto од унгарското министерство за надворешни работи, Почесниот конзул Марјан Бојаџиев и Istvan Laszlo Dux, Амбасадор на Унгарија во Република Македонија.
Програмата предвидува и настап на ученици од Музичкото училиште „Методи Патче“ со „Béla Bartók duets“ и отворање на изложбата „For Freedom and Independence“. Почесниот конзулат на Унгарија во Охрид ќе се наоѓа на улицата „Даме Груев“ бр. 43.
Досега во Охрид почесни конзулати отворија Република Турција, Република Полска, Република Словенија и од минатото лето – Руската Федерација.
Република Турција го отвори првиот почесен конзулат во Охрид, во март 2010 година кога, за таа прилика, во официјална полсета на земјата, допатува тогашниот шеф на турската дипломатија Ахмет Давутоглу. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива