Охрид, 26. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – До крајот на годинава ќе започне првата фаза од изградбата на новиот театар во Охрид, изјави директорот на Народниот театар, Горан Стојаноски.
Новиот објект ќе се гради на сега постоечкиот простор Летна бавча, во втората фаза влегува целосното опремување на новиот објект, додека во третата фаза е ентериерното уредување на центарот за култура.
– Во моментов тече техничкиот дијалог врз основа на проектната програма. Во склоп на тоа треба да се аплицира за главниот проект. Очекуваме и тендерот да се пушти за некое брзо време. Претпоставувам дека за некои шест до седум месеци се потребни да се изготви главниот проект. Мојата искрена желба е да почне да се работи годинава, а најдоцна до почетокот на следната година, додава Стојаноски.
Постојаниот објект во кој функционира центарот за култура е изграден во 1952 година. Нов објект и нова зграда подразбира и нова традиција и ново достоинство за театарот во Охрид, смета Стојаноски.
– Новата зградата би имала некаде околу четири ката, со сите потребни и најсовремени механизми за сценско-техничко уредување, односно ќе се гради по некое врвно светско ниво. Новиот објект ќе значи и нова традиција, ново достоинство, придонес кон квалитетот на самиот театарски ансамбл, а секако и за вистинско театарско доживување за самата публика. Исто така постои голем интерес за работата на Детското драмско студио, рече Стојаноски.
Минатата година Народниот театар од Охрид постави седум премиери и изведе 168 претстави, бројка која споредена со театрите, кои функционираат засебно од центрите за култура, е солидна, дополнуваат од центарот за култура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес